Неуспехот да се смири ситуацијата на северот на Косово ќе има негативни последици, а Европската Унија е подготвена да спроведе решителни мерки во оваа прилика, се вели во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ, објавено денеска, јави дописникот на МИА од Белград.
„Очекуваме Косово да постапи на начин што нема да ескалира и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека новоизбраните градоначалници привремено треба да ги извршуваат своите должности во други простории надвор од општинските згради, и што е можно поскоро да се распишат предвремени избори.
„Очекуваме учество на косовските Срби на овие избори“, се вели во изјавата што портпаролот на ЕУ Петер Стано ја објави на Твитер.
Предвремените избори треба што поскоро да се распишат во сите четири општини, наведува ЕУ и додава дека очекува учество на косовските Срби на тие избори.
ЕУ ја изрази својата загриженост за подигнување на борбената готовност на српските вооружени сили.
ЕУ повтори дека силно го осудува насилството врз граѓаните, припадниците на КФОР и полицијата, како и врз новинарите на северот на Косово.
„Ги повикуваме и Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било дополнителни некоординирани мерки. Итно треба повторно да се воспостави мир“, се наведува во соопштението.
ЕУ очекува и Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалогот, кој се води со посредство на Унијата, со цел да се најде одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово.
„Ова вклучува почеток на работата за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО) без натамошно одлагање или предуслови“, се вели во соопштението на ЕУ.