Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во Приштина изјави дека очекува продуктивна средба меѓу премиерот на Косово Аљбин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ утре во Охрид.
Ескобар на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово, Вјоса Османи, рече дека очекува „добра вест“ по сабота.
Очекувам позитивен резултат во Охрид“, изјави Ескобар.
Тој додаде дека намерата на САД е да ги поддржат сите резултати кои носат мир во регионот и да ги зајакнат можностите Косово, Србија и регионот да станат полноправни членки на евроатлантската заедница.
„Овој европски предлог е извонредна можност за траен мир меѓу двете земји. Нашата цел е да работиме за Косово и за целиот регион“, рече Ескобар.
Тој додаде дека затоа очекува позитивен резултат во Охрид.
И претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека „Косово оди во Охрид“, со надеж за позитивни резултати.
Според неа, неопходно е да се постигне фер и сеопфатен договор со Србија, каде Косово и Србија се третираат како две рамноправни држави и додаде дека „Србија не треба да го попречува договорот“.
Во тек е средбата на Ескобар со косовскиот премиер Аљбин Курти.