Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека во Охрид Србија и Косово постигнале правно обврзувачки договор и дека е непотребно фокусирањето на потпишувањето на договорот.
„Фокусирањето на потписот е непотребно и нема материјално влијание врз тоа дека имаме договор. Имаме договор и го третираме како таков и двете страни се сериозно вклучени“, рече Ескобар на онлајн прес-конференцијата.
Тој додаде дека „веднаш“ од двете страни се очекува имплементација на договореното во Охрид и повтори дека намерата на договорот не е взаемно признавање, туку нормализација на односите.
„Примарната намера беше да се формулираат основните правила на интеракција меѓу двете земји, така што работите како маси и барикади не би биле закана да ги извлечат работите надвор од контрола и да создадат нестабилност во регионот“, рече американскиот пратеник.
Шефот на европската дипломатија, Јозеп Борел, во саботата во Охрид изјави дека по 12 часа разговори Србија и Косово постигнале договор за имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој беше постигнат на 27 февруари во Брисел.