Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека израелските напади врз Појасот Газа претставуваат воено злосторство и злосторство против човештвото.
„Ова што се случува во Газа е злосторство против човештвото. Тоа е воено злосторство. Сторителите мора да одговараат според меѓународното право“, рече Ердоган во својот говор на самитот на Обединетите нации за климата во Дубаи.
Турскиот претседател Ердоган, исто така, рече дека израелските напади во кои беа убиени повеќе од 16.000 Палестинци, главно жени и деца, во блокираниот Појас Газа не можат да се оправдаат на кој било начин.
„Република Турција се залагаше за мир во сите кризи, работеше на решенија засновани на правда и правичност“, нагласи Ердоган.
Израел рано утринава ги продолжи своите воени операции и напад врз Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза, гаѓајќи различни области на северот, внатрешноста и јужниот дел на енклавата.
Најмалку 109 Палестинци загинаа, а повеќе се ранети во денешните израелски напади врз Газа, соопшти Министерството за здравство на регионот.
Климатскиот самит на ОН во 2023 година, попознат како COP28, собра повеќе од 180 шефови на држави и влади од целиот свет. Важно е да се напомене дека вкупно околу 500.000 луѓе се пријавиле за учество на настанот до 12 декември.