Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Познатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Башевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“.

Жири комисијата во состав: Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар) после прочитот на сите 35 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (Коцев Јосип – „Две мориња“, Антолог, Михаилова Бошнакоска Гордана – „Мед и младост“, Макавеј, Трајковски Дејан – „Филмски песни“, Бата прес милениум, Ќулавкова Катица – „На врв на јазикoт“, Арс Либрис). Комисијата едногласно одлучи наградата да се додели за стихозбирката „Дни, години“ од Димитар Башевски.

Комисијата оценува дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство.

„Песните на Башевски носат наталожени животни и творечки искуства вклопени меѓу кориците на една стамена книга на автор од формат чии резимирачки поетски изблици претставуваат густ и во исто време прочистен и прозрачен сублимат со слоевити значења и пораки. Тие и такви песни се своевидни ‘зборовни гнезда’, според една негова синтагма, кои имаат специфична улога: тие колку што одгатнуваат, толку загатнуваат, внесувајќи не во неизречивото, до таа едноставна, ‘таа суштина чиста’. На тој начин стихозбирката „Дни, години“ се издига на степен на исклучително поетско дело со богата и модерна изразност на ‘проста и строга песна““, се наведува во образложението на Комисијата.

Димитар Башевски е роден во 1943  година во селото Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. Повеќе години работел како новинар, постојан дописник од Атина и уредник, а потоа како издавач. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ и потоа главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Од 2000 до 2006 година беше претседател, а потоа почесен претседател на Македонскиот ПЕН центар.

Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик.

Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српскијазик во Белград.

Застапуван во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии.

За своите книги, тој ги има добиено наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата Роман на годината (“Утрински весник”) за романот “Бунар”, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година.

- Advertisement -
Ad image

Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 24 до 28 август во своето редовно издание на препознатливите локации.

Share This Article