Белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ во кое во мај минатата година тогаш 13-годишниот Коста К. уби 9 ученици и чуварот на училиштето, деновиве одново се најде во фокусот со нов инцидент кој ја крена јавноста на нозе. Кај ученик од 8 одделение најден е нож во ранецот.
Настанот се случил на третиот час од попладневната смена кога еден од учениците се посомневал дека неговиот другар има ладно оружје во ранецот и за тоа ја известил директорката на училиштето. Во ранецот на осмоодделенецот бил најден нож.
Случајот што внесе нов страв и вознемиреност и кај децата и кај родителите сè уште се истражува.
– Без разлика на паниката која завладеа во еден момент и не е ни чудо што завладеа, бидејќи тоа е траума и за учениците и за наставниците, релативно брзо сите надлежни соодветно реагираа на таа ситуација. Директорот го повикал училишниот полицаец, тој го изнел ученикот, го однел во канцеларијата за внатрешни работи. Утврдено е дека тој навистина имал нож во ранецот. Од каде се нашол тој нож тука? Во тек се постапки со кои ќе се откријат тие детали и ќе ги знаат пред се родителите и децата колку што е дозволено со законските рамки – истакна српската министерка за просвета Славица Ѓукиќ Дејановиќ.
Министерката истака дека покрај детето кое донело нож на училиште, виновни се и неговите родители.
– За вакво оружје нема место во училиште, во ранец на ученик. Ако детето донело нож од дома, секако дека ќе биде санкциониран и родителот – вели министерката за образование.
Она што внесува дополнителна паника и загриженост е фактот што го поврзува новиот инцидент со масакрот што го изврши Коста К. во мај минатата година. Како што пренесуваат српските медиуми, врската меѓу едниот и другиот случај е таткото на ученикот со ножот за кого наводно се дознало дека бил инспекторот што го вештачел телефонот на Коста К. по масовното убиство.
– Во петокот во основното училиште „Владслав Рибникар“ беа преземени сите потребни мерки. Ако детето донело нож од дома, секако дека ќе има одредена санкција и за родителот – истакна министерката Ѓукиќ Дејановиќ.