Актерот Алек Болдвин со објава на фотографија потсети на снимателката Халина Хачинс која ја уби во октомври лани за време на снимање на сцена од филмот „’Рѓа“. Неговата објава наиде на бурни реакции кај обожавателите кои му испратија зборови на поддршка и утеха.
„На овој ден“, напиша Болдвин покрај фотографијата на Хачинс создадена на еден од сетовите.
Во трагедијата која се случи лани во октомври Болдвин го повреди и режисерот Џоел Соуза. Трагедијата се случи на ранч во Санта Фе, на снимањето на филмот „’Рѓа“.
Дел од неговите следбеници го осудија овој потег на Болдвин.
„Не можам да верувам дека Болдвин мислеше дека е добра идеја да ја објави оваа фотографија“, напиша еден од коментарите.
„Да, ова е навистина одвратно“, се согласи друг.
Инаку, Болдвин на почетокот на месецов се договори со семејството на починатата снимателка. Како дел од спогодбата, сопругот на Хачинс, Метју, ќе учествува во понатамошната продукција на филмот и ќе работи како продуцент и ќе добие дел од профитот. Филмот ќе продолжи со снимање следната година.
„Немам интерес да обвинувам или да ја префрлам вината (на продуцентите или г-дин Болдвин). Сите веруваме дека смртта на Халина беше страшна несреќа. Благодарен сум што продуцентите и забавната заедница се собраа да го почестат последното дело на Халина“, напиша Хачинс во соопштението.
Во февруари годинава семејството на снимателката која случајно беше убиена го тужеше американскиот актер и побара „суштинска“ отштета за нејзината смрт.