Бизнименсот Орце Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, третоосуден во случајот „Рекет“, беше речено на денешното рочиште во Граѓанскиот суд во процес со кој Камчев бара отштета од 1 ипол милион евра од Бојан Јовановски-Боки 13, од Катица Јанева, како и од Обвинителството за организиран криминал, СЈО и Републичкото обвинителство.
Адвокатот на Камчев, Александар Михајловски, зборуваше како настанал целиот случај.
– Тужената Катица Јанева во таканареченото СЈО, на 13.10. 2018 година одржала прес-конференција на која објавила дека се почнати истраги по три предмети „Империја“, „Базни станици“ и „Поштенска банка“. Прес-конференцијата е одржана 16 месеци откако поминал законскиот рок за покренување истраги согласно посебниот закон. По таа прес-конференција и највата за водење на тие истраги, на сцена стапил тужениот Бојан Јовановски кој во блиски релации со тужената Катица Јанева и со влијанието кое го имал врз неа, пристапил кон сите овие стопанственици со понуди за разни видови соработки. Пред сѐ, да платат реклами во тогашната телевизија 1ТВ, како и да финансираат наводни проекти. Очигледна била спрегата, помеѓу тужената Катица Јанева и тужениот Бојан Јовановски да се отворат предмети против стопанственици за да можат да бидат изнудувани средства. Во пресудата ќе видите искази на сведоци на кој начин биле изнудувани средства. Така од тужителот биле изнудувани на повеќе средби, прво да плати реклами во тогашната 1TВ, да финансира изградба на шопинг молови, да финансира изградба на старечки домови. Кога тужителот ги одбил сите овие понуди, настапила второтужената Катица Јанева со јавно обзнанување на предметот и изрекување мерка притвор. По сите притисоци се потврдува мерката за тоа кој ги диригира конците, кој ја контролира ситуацијата и на кој начин да ја прифати изнудата – рече адвокатот Михајловски во воведните зборови, пренесе Макфакс.
Јанева му се уфрли во збор на Камчев додека тој даваше исказ.
– Халуцинира човекот. Поарно да чита, бидејќи вака многу халуцинира – дофрли Јанева.
Камчев денеска во судот рече дека добил понуди за градење шопинг мол на две локации во Карпош.
– За двете локации беше евидентно дека Бојан Јовановски манипулира бидејќи бев сигурен дека ниту менаџментот на Гранит ниту на Реплек (сопственици на земјиштата) не дале согласност за таков проект. Бојан Јовановски ми пристапи преку заеднички пријател во врска со наводна соработка да ми понуди а со крајна цел изнуда на парични средства со лажни проекти. Првиот проект беше fashion malls, концепт кој тој го измислил, а во кои ќе има модни ревии, популарни дуќани. Како да во светот нема бизнис центри и шопинг молови, па тоа да биде заштитено од Бојан. На договорот за соработка беше потпишано лицето Лазар Јанев. Со тоа Бојан сакаше да ми покаже дека ја контролира тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, кажувајќи дека и тој стои позади проектот за бизнис молови. Споменувајќи дека Лазар користи возило од неговата телевизија, дека со него соработува директно и слично. Откако го одбив ова барање тој беше упорен и на другите средби ми беше понудена инвестиција во старечки домови. Ми беше понуден проект за носење европски пациенти, кои 80 отсто би го пополниле капацитетот – рече Камчев, кој смета дека Бојан злоупотребувал функционери од тогашната власт, за кои вели дека не биле запознаени со неговите манипулации, пренесе Макфакс.
Синот на Јанева, Лазар Јанев, е нејзин адвокат во овој случај.
– Тужителот се обидува да повтори иста лага за да стане вистина – рече Јанев.