Сите апокалиптични сценарија и најави дека цената на електрична енергија за домаќинставата ќе се зголеми до 50 проценти или ќе има рестрикции не се остварија. Цената се корегираше за 9,48 проценти, а рестрикции нема, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на собраниската Комисија за економски прашања на која трет ден се разгледува Предлог финасискиот план на РКЕ за 2022 година.
Бислимовски информираше дека во изминатиот период РКЕ посредуваше во решавање на проблемите на граѓаните кои пријавиле дека добиле несоодветни високи сметки за електрична енергија.
– Станува збор за несоодветно отчитување. Затоа самите граѓани можат да превинираат и да си го отчитаат броилото и состојбата да ја пријават. ЕВН Хоме е должен да фактурира по состојбата што граѓаните ја пријавиле со самоотчитување – рече Бислимоски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во дебататата за енергетската состојба и предлог финасискиот план обвинија дека членовите не ги задоволуваат критериумите при нивното бирање и со тоа е доведена во прашање нивната независност.
– За ова малку време што ви остана покажете интегритет. Секако за кратко ќе се смени власта и ќе дојдат луѓе што знаат проблематиката во РКЕ – рече Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Бислимоски посочи дека РКЕ во последните три години е оценета за број еден регулатор од страна на Енергетската заедница. Во извештаите, како што рече, е оценета дека го има потврдено кредибилитетот и независноста со тоа што РКЕ има покажано највисока експертиза, стандарди, посветеност и способност да се спротистави на потенцијалните влијанија врз независноста.
– Во извештајот на ЕК се констатирани политички влијанија, но точно се знае кој ја кочи работата и сака да влијае како што го кочите финасискиот извештај сега. Нема да најдете регулатор во ЕУ каде четири месеци се потребни да се усвои финасиски извештај. И секако овие ваши изјави дека ќе ги разрешите членовите во РКЕ откако ќе дојдете на власт – во Европската комисија го констатираат како притисок врз независноста – посочи Бислимоски.