More

    Без возачки дозволи останаа бројни таксисти и превозници

    spot_img

    Граѓаните и професионалните возачи се најдоа во тесно и се револтирани, откако им беше соопштено дека покрај пасошите и возачките дозволи кои не го содржат новото уставно име нема да важат од полноќ. Тие не веруваат дека ќе бидат во ситуација и во земјата да не можат да се движат во сообраќајот, бидејќи не успеале да ги заменат возачките дозволи, не само по сопствена вина. Возачите очекуваат и некакво брзо привремено решениe до целосната замена на документите за да не се случи да запре поголемиот дел од превозот во земјата и на нивно место да настапат странски компании кои ќе ги заменат.

    Техничкиот премиер Талат Џафери дури денеска најави дека заедно со Собранието ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечерва на полноќ.

    – Треба да ги согледаме сите аспекти. Таму кај што е можно продолжение на рокот да се продолжи, таму кај што има потреба од друг вид одлука и решение да се спроведат други одлуки – рече Џафери.

    Правните експерти, пак, советуваат возачите кои немаат усогласени возачки дозволи со новото уставно име да се воздржат од возење во периодот додека го решат прашањето со нивната возачка дозвола, бидејќи ќе имаат проблеми во сообраќајот и посебно, ако направат сообраќајна несреќа.

    – Со амандманите на Уставот кои се поврзани со Преспанскиот договор е утврдено дека за надворешна и внатрешна употреба сите лични документи – лични карти, пасоши и возачки дозволи треба да се усогласат до предвидениот рок со кој им престанува важноста. Нема друго идејно решение освен препораката возачите да се воздржат од управување со возило сè додека не го решат проблемот бидејќи ќе бидат изложени и на материјални штети за казни и за евентуална сообраќајна несреќа каде што нема да важи старата возачка дозвола. Владата најавува некакво решение, но при тоа тие не треба да се косат со договореното, зашто може да навлеземе во други проблеми – вели правен експерт.

    Тој смета дека граѓаните секако ќе имаат проблем и ако владата донесе некакво решение, бидејќи и за него ќе биде потребно време.

    Граѓаните кои досега не успеале да ги заменат возачките дозволи или кои и покрај тоа што инсистирале да ги заменат во изминативе години биле принудени да го извадат документот со старото име бидејќи немало обрасци со новото уставно име на државата се револтирани од состојбата.

    – Никој не кажа дека и возачките за домашна употреба нема да важат по 12 февруари. Ова е апсурдна ситуација која утре ќе предизвика општ хаос низ целата држава и парализирање на сообраќајот и сè што е поврзано со него. До вчера, никој не инсистираше да ги замениме возачките за домашна употреба, сега наеднаш два дена пред рокот некој се сети да ни каже дека нема да можеме да возиме со стари возачки. Апсурдот да биде поголем лани во јануари менував дозвола и ми беше речено дека нема обрасци, па извадив со старото име. Кој сега ќе ми објасни зошто тогаш немаше обрасци, а сега јас морам за 2 дена да вадам возачка – вели Трајче А. од Скопје.

    И такси возачите се најдоа во небрано поради возачките дозволи со старото име. Тие велат дека не очекуваат полицијата утре да ги казнува за возачките со старото име, но ако се случи тоа голем број од нив ќе бидат принудени да не работат со што ќе бидат во загуба. Некои од нив размислуваат да ангажираат адвокати и да ја тужат државата затоа што навреме не успеала да им овозможи да ги заменат дозволите.

    – Веруваме дека нема на улица да нѐ запре полицаец и да нѐ казни бидејќи возиме со важечки дозволи со старото име. Не верувам дека Министерството за внатрешни работи ќе оди против својот народ за туѓи интереси, но ако тоа се случи ние ќе реагираме како здружение за секој поединечен случај и со заедничко решение за протест, блокади или што и да одлучиме заедно– вели Сашо Рајчаноски, претседател на групација на автотакси-превоз превоз на Град Скопје.

    Тој меѓутоа очекува некој од полицајците да почне да казнува, што како што вели, во овој случај изгледа легитимно, но бара владата навреме да го разјасни проблемот за да нема дополнителни реакции од таксистите и од другите возачи.

    – Ова е нешто ново. Ни се кажува дека возачките нема да ни важат и за внатрешна употреба. За два дена ние не можеме да ги замениме сите дозволи. Затоа очекувам владата со некаква уредба или со друг документ да го реши ова прашање, бидејќи не само ние таксистите, туку и другите превозници, автобуски и камионски нема да можат да се движат во земјава или со страв дека ќе бидат казнети да ја вршат својата работа од која живеат. Тоа ќе значи тотален хаос и застој на државата, а за нас дека ќе трупаме загуби – додава тој.

    Тој додава дека и во изминатите две до три години замената на возачките се вршела со старото име, наместо тоа да се прави континуирано и сега да не се случува ваков хаос со сите документи.

    Рајчановски вели дека во целата ситуација освен стравот што ќе го имаат да не бидат казнувани и да не направат сообраќајни несреќи ќе треба да ангажираат и адвокати за да ги остварат своите права како граѓани и бизнисмени зашто освен осигурителните компании, бидејќи нема да ги признаваат штетите при сообраќајна несреќа другите ќе имаат штети од целата ситуација околу документите.

    Јавното сообраќајно претпријатие пак нема да има проблем со реализирање на линискиот превоз бидејќи само 1% од возачите нема заменето возачка дозвола.

    – Од вкупниот број возачи во ЈСП повеќе од 99% ги заменија документите со нови, а под 1% чекаат од МВР да им бидат издадени новите возачки дозволи. Согласно со истото, одговорно може да кажеме дека јавниот превоз во ниту еден момент нема и нема да има никакви проблеми во секојдневното функционирање, односно возачите непречено ги извршуваат своите работни задачи со сите неопходни документи согласно позитивните законски прописи – велат од ЈСП.

    И камионските превозници се револтирани бидејќи поради низа случувања тие нема да можат да ги реализираат договорите, а некои ќе ја изгубат и работата.

    – Не знам зошто до сега не кажаа за возачките дозволи, сега го направија проблем тоа. Ако не можеме да ја возиме ние стоката, можат да дојдат превозници од Србија, Албанија и од Бугарија и да ни ја земат работата. Не само на оние што возат во странство, туку и нас кои дома вршиме превоз. Па нека ѝ е на чест на државата. Немаме возачи за замена, а сега нема да имаме и работа – вели камионски превозник.

    Компаниите на кои превозот им го вршат домашни превозници, исто така, се во проблеми како да ја испорачаат стоката. Дел од нив ќе мора да одберат нов превозник домашен или странски за да им ја заврши работата.

    – Очекуваме превозниците да бидат сериозни и веќе да ја завршиле работата со дозволите и другите документи. Ако е поинаку тогаш ќе бидеме принудени да ги раскинуваме договорите и да бараме други превозници, па и странски ако е потребно. Нашата стока не смее да остане во магацините, а нашите клиенти да бидат принудени да бараат нови снабдувачи. Знаете, сѐ во бизнисот е еден круг во кој ако еден сегмент запре целиот систем се изместува – вели бизнисмен.

    Бизнисмените главно од извозни компании велат дека не добиле известување дека поради неважечки дозволи и патни исправи на возачите на превозникот ќе доцни испораката на стоката.

    – До моментов немаме добиено никаква најава за доцнење на превозот на производите до странскиот партнер. Нашата стока ја превезува германски превозник, но возачите не знам дали се наши и дали имаат дозволи или навреме ја направиле замената и на овој документ. Сепак, сметам дека некоја компанија ќе има проблем и поради неважечките возачки дозволи ќе треба да го смени превозникот – вели Ангел Димитров од Здружението на работодавачи.

    И дел од странските инвеститори велат дека до сега немаат никаква информација дека ќе имаат проблем со превозот на производите до посакуваната дестинација.

    – До денеска немаме информација дека нашиот превозник има проблем со документите на возачите, ниту пак имаме некаква забелешка дека имаат некаков проблем, но ќе видиме во наредниот период. Очекуваме нашиот партнер навреме да го решил проблемот со патните исправи и возачките дозволи на возачите – вели Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“.

    Во незавидна положба се и туристичките агенции кои имаат сопствен превоз или превоз од друг превозник. Тие веќе најавија дека ќе имаат проблем со турите во март бидејќи дел од возачите немаат патни исправи, а дел од нив и сообраќајни дозволи. Дел од нив размислуваат да вработат возачи со договор за да го надминат периодот до решавање на проблемот со нивните возачи.

    Оние возачи кои моментално се во странство, било да се граѓани или професионални возачи, можат да се вратат во земјава, доколку државите во кои се наоѓаат и низ кои треба да поминат ќе имаат разбирање за проблемот со возачките дозволи или пасошите. Замена за пасошот им е патниот лист кој ќе треба да го платат 30 евра.

    Зошто владата чекаше во 5 до 12 да го решава проблемот со замената на личните документи на граѓаните е нејасно и за граѓаните, но и за возачите и бизнисмените.

    Со Преспанскиот договор кој е потпишан во 2018 владата покрај другото презеде обврска за 5 години да ги промени личните документи на граѓаните со новото име на државата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img