Иако е бесплатен, никој не сака да го јаде говедскиот месен нарезок од остатоците на Народна банка. На огласот за донација на 75 конзерви со тежина од 150 грама не се јавила ниту една домашна или странска фирма ниту, пак, граѓанска организација.
Невообичаениот оглас на Народна банка, кој предизвика хумористични реакции и стана интересен за објавување и за медиумите од соседството, Народната банка ќе треба да го повтори бидејќи е неуспешен. Траеше 5 дена, а на него никој не се јавил. На конзервите им истекува рокот на траење, па банката доколку никој не се јави и на тој оглас, ќе треба да ги уништи. Прашање е дали и за тоа ќе треба да објави оглас.
За ваквото фијаско на огласот како можни причини се наведуваат: тешките услови кои се дадени на огласот, па правните субјекти кои би биле заинтересирани за огласот не можеле да ги исполнат, времето кое би го потрошиле за обезбедување на документите, за донација од 75 конзерви или поради тоа што – можеби тоа е и најточната причина – не сакале да бидат изложени на потсмев на јавноста, откако јавноста бурно реагираше.
За ваквата смешна ситуација во која се најде Народната банка е виновна една поранешна одлука на Централната банка која требаше да обезбеди транспарентност во работењето. Според неа, за секоја донација, и најмала, Банката мора да објави јавен оглас.
– Сите вакви донации, без разлика на видот и количината, Народната банка, без исклучок ги спроведува преку јавен повик. Ова е согласно интерните правила донесени од институцијата, а во насока на транспарентност во целокупното работење – појаснија за Плусинфо од Народната банка.
Оттаму објаснуваат дека конзервите се од резервите кои Централната банка треба да ги обезбеди за кризни и вонредни ситуации.
– За обезбедување непрекинатост во работа во услови на кризна или вонредна состојба, согласно регулативата за управување со кризи, Народната банка, како институција која врши критични работни процеси од јавен интерес, има обврска да поседува резерви во случај на криза (опрема, храна и вода). Дел од овие резерви, кои се со ограничен рок на траење, извесно време пред истекот на рокот се донираат преку јавен повик – велат од Народната банка.