Баерн доживеа нов тежок пораз, еве што изјави извршниот директор на клубот
Баерн неочекувано беше поразен на денешниот натпревар од 31.коло во Бундес лигата од Мајнц со 2:1.
Садио Мане ги доведе Баварците во водство во првото полувреме, но домашните победија со блескаво второ полувреме. Само 15 минути му беа потребни на Мајнц да го сврти резултатот.
Така, Баерн ја продолжи негативната серија на резултати и веќе мина четири натпревари без победа. Не помогна ниту смената на тренерот. Џулијан Нагелсман доби отказ, а на негово место беше донесен Томас Тухел. За тој потег и за генерално лошата ситуација во клубот најголеми критики добија Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ. Навивачите ги обвинуваат за тоа што моментално се случува во германскиот гигант.
Раководството на Баерн денеска се симна во соблекувалната по крајот на натпреварот, а не се знае што им порачаа на играчите. Кан за германските медиуми изјави дека нема да поднесе оставка.
„Мојата единствена цел е да ја завршам сезоната со шампионска титула – а потоа навистина повторно да нападнам во новата сезона“, рече Кан.