Разрешувањето на д-р Сашко Јовев од директорското место на Клиниката за кардиохирургија од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити има етничка заднина, смета претседателот на Левица и пратеник во македонското Собрание Димитар Апасиев.
„Ај да бидеме реални. Доктор Јовев е разрешен и затоа што е Македонец. Да беше по Рамковен, никој немаше да го пипа“ – напиша на својот фејсбук-профил Апасиев, кој е и професорот по право.
За денеска е најавена прес конференција на министерот Меџити на која тој ќе ги објасни причините за разрешувањето на д-р Јовев од директорската функција.
Претходно, д-р Јовев изјави дека неговата смена нема политичка заднина, туку дека е во прашање лична суета.
– Јас сметам дека не сум жрва на политички реваншизам, но ова веќе може да прерасне во такво нешто. Иницијалната каписла воопшто не е политика. Иницијалната каписла може да е некоја суета, некое недоразбирање, апсолутно. Како таа оди нагоре, сакаат да жртвуваат некој што направил нешто во овој живот и за оваа држава, јас 25 години се трудев да отворам кардиохирургија, многу генерации наназад ја создаваа оваа држава. Ние имаме чесно и интелектуално портфолио и не може да си играте играчки со такви луѓе. Воопшто не почна политички, како се егзацербира, веќе може да има некој, за мене, беспотребен политички пазар – рече кардиохирургот Јовев.