САД го ограничува снабдувањето и пристапот на Кина до чипови со вештачка интелигенција, што од кинеска страна е оценето како бариера во трговијата меѓу двете земји.
-Новите американски ограничувања за извозот на чипови со вештачка интелигенција (АИ) и алатки за правење чипови во Кина создаваат бариери за трговијата меѓу двете земји – реагираше денеска портпаролот на кинеското Министерство за трговија Хе Јадонг.
Тој рече дека САД произволно ги прошириле и ги промениле правилата, како и ги заостриле и контролните мерки.
– Ова не само што постави повеќе пречки и наметна повеќе оптоварувања на соработката на американските и кинеските компании, туку создаде и огромна несигурност за глобалната индустрија за полупроводници – рече тој.
Тој посочи дека потегот на САД „сериозно влијае на заемно корисната соработка на кинеските и странските компании и им штети на нивните легитимни права и интереси“, како и дека компаниите Nvidia и AMD биле погодени од тоа.
– Кина е подготвена да работи со сите страни за зајакнување на заемно корисната соработка и промовирање на безбедноста и стабилноста на светската индустрија за полупроводници и синџирот на снабдување – рече Јадонг.