Времето денеска ќе биде умерено до значително облачно со појава на локален слаб снег на планините, најпрвин на северот, а потоа слаб снег ќе провејува претежно во западните планински делови.
Според прогнозата на УХМР, преку денот ќе дува и умерен до засилен северен ветер најизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 1 до 9 степени.
Во Скопје ќе биде умерено до значително облачно со слаб до умерен ветер од северен правец. На повисоките делови од котлината ќе има услови за поjава на слаб снег. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Од понеделник следува период на стабилно време, утринските температури нема да бидат многу ниски, а дневните до средината на неделата ќе бидат во постепен пораст.
– Ќе дува претежно северен ветер кој во вторник и особено во Повардарието ќе се засилува – соопшти УХМР.
Најниски -10 степени утрово во 8.30 часот се измерени во Берово и во Битола, а во Дојран е најтопло со два степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека -9 степени се измерени во Скопје-Петровец, -8 Демир Капија, -7 Прилеп, Струмица и во Штип, -6 Маврови Анови и во Крива Паланка, -5 Попова Шапка, Претор, Охрид и во Тетово, -4 во Виница, Скопје-Зајчев Рид, -3 Крушево, Гевгелија и -2 степени во Куманово.
Висината на снежната покривка утрово е 46 сантиметри на Попова Шапка, 18 во Маврови Анови, 12 Лазарополе, три сантиметри во Крушево и два во Ѓуриште.