Бугарското Министерство за надворешни работи попладнево излезе со реакција за денешното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Во соопштението објавено на нивната веб-страница се посочува дека денешното одбележување на 151 – годишнина од раѓањето на Делчев не придонесе за унапредување на добрососедските односи и дека ќе биде забележано оти македонските власти не им дозволиле на бугарски граѓани да му оддадат почит на великанот.
„Во периодот по 1991 година, Република Бугарија постојано покажува искрена желба за развивање на добрососедски односи со Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, беше воспоставена практика за заедничко одбележување на историските личности од нашата заедничка историја, како што без сомнение е и Георги (Гоце) Николов Делчев“, се посочува во соопштението.
За жал, као што се наведува, одбележувањето на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надоградување на билатералните односи помеѓу Софија и Скопје.
„Со длабоко жалење констатираме дека 04.02.2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, со крајно неубедливи причини и со прекршување на уверувањата дадени однапред, не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на делото и животот на Делчев. Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, се наведува во соопштението.
Ваквите дејствија Софија ги оценува како неисполнување на обврската да се обезбеди непречен пристап за сите добронамерни граѓани кои сакаат да му одадат почит на големиот револуционер.
„Ова, заедно со несакањето делегациите на Бугарија и Северна Македонија заеднички да положат венец, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството. Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, се наведува во соопштението.
Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери.
„Најмалку двајца искрени партнери се потребни за воспоставување добрососедски односи. Се потешко е во однесувањето на властите во Скопје да се препознае вистинска желба за градење на потребната доверба, пријателство и соработка“, се посочува во денешната реакција на бугарското МНР за чествувањето на роденото на Гоце Делчев.