Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Белград има силни гаранции од петте земји-членки на ЕУ, кои не ја признаваат независноста на Косово, дека нема да го променат тој став.
Дачиќ за Блиц изјави дека тој и претседателот на Србија, Александар Вучиќ се во постојан контакт со овие земји и дека, како што рече, нивниот став е цврст како и досега.
Запрашан за неодамнешната изјава на европските претставници дека новата верзија на француско-германскиот план ја има поддршката од сите 27 членки на ЕУ, тој одговори дека нема да оди толку далеку и, како што рече, не толку брзо.
„Имаше многу верзии на тој таканаречен француско-германски план и не можам да знам во која фаза е, но со сигурност знам дека е прерано да се брои колкава поддршка има во ЕУ“, рече Дачиќ.
„Сакам да останам на чело на СПС“
Лидерот и единствен кандидат за претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, пред конгресот на партијата изјави дека социјалистите имаат причина да бидат задоволни, но дека имаат обврска да носат стратешки одлуки за иднината на СПС и дека сака да остане на чело на партијата.
Тој изјави дека програмата на партијата е обврска што членовите на партијата си ја поставиле пред себе да ја исполнат во наредните години и дека одлуките на конгресот се закон за оние кои ја водат партијата.
Дачиќ рече дека сака да продолжи да ја води СПС, има многу енергија за тоа и уште многу идеи и задачи кои партијата треба да ги реализира, како и голема поддршка од соборците да остане претседател .
Кога станува збор за стратешкото партнерство со Српската напредна странка, Дачиќ посочи дека нема причина тие да менуваат партнери и дека десет години се во долгорочна стратешка соработка со СНС.
„Многу пати го проверувавме расположението кон таа соработка, а главната потврда беше на изборите. Секој пат до сега добивме многу јасна порака од гласачите и од нашите членови дека соработката со СНС е она што тие го сакаат и го гледаат најдоброто за Србија“, рече тој.