Украина има штети од околу 10 милијарди долари на својата инфраструктура откако Русија на 24 февруари ја изврши инвазијата и ги почна нападите во различни делови на земјата, изјави денеска украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков.
Повеќето од оштетените објекти ќе бидат санирани за една година, а најтешко погодените во наредните две години, рече Кубраков, пренесен од британски Гардијан.
Министерот Кубраков кажа дека вчера од источниот град Харков биле евакуирани 40.000 лица.
Украина апелираше до Русија да им дозволи на цивилите да ги напуштат другите градови, а претставникот на Министерството за внатрешни работи Вадим Денисенко изјави дека уште 4.000 цивили треба да бидат евакуирани од предградијата на главниот град Киев.
– Русија прави се што може за да ги спречи хуманитарните коридори – додаде Денисенко.