Топол дом и покрив над глава ќе можат да добијат 36 семејства од социјално ранливите категории на граѓани во општина Виница. Министерот за транспорт и врски денеска го објави огласот за распределба на становите.
Јавниот оглас ќе биде во траење од 32 дена од денот на распишување, односно од денеска, па се до 16 ноември. Становите на социјалната зграда, која беше завршена пред три месеци се со површина од 36 до45 м2, а вредноста на објектот во целост изнесува околу 75 милиони денари.
Право на аплицирање за добивање на социјален стан имаат: деца над 18 години без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца.
Министерот за транспорт и врски Блгој Бочварски соопшти дека на огласот можат да се пријават само лица коишто се жители на општина Виница, државјани на РСМ, без стан во лична сопственост или на брачниот другар и полнолетни членови на неговото заедничко домаќинство.
– За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи ќе ја обезбедува потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас – рече Бочварски.
Помошник директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Билјана Главинчевска Вранишкоска, посочи дека становите на оваа зграда, која беше завршена пред три месеци се со површина од 36-45 м2, а вредноста на објектот во целост изнесува околу 75 милиони денари.
-Овој проект е од врвно значење за Акционерското Друштво имајќи предвид дека со него се решава станбеното прашање на голем број семејства од ранливите категории – рече Главинчевска Вранишкоска.
Социјалната зграда во Виница е дел од проектот Ф/П 1674 со кој се опфатени повеќе општини на територијата на РСМ. До сега се завршени 22 објекти. Во завршна фаза се објектите во: Демир Капија и Неготино, во изградба се зградите во Скопје (о.Бутел и Сарај), Дебар, Велес и Кочани, а планирани за идна градба се Пехчево, Прилеп и Штип.