Шведската крајбрежна стража наводно открила четврто истекување гас на гасоводот Северен тек.
Крајбрежната стража соопшти дека го лоцирала истекувањето откако два цевководи што воделе од Русија до Германија биле оштетени на вкупно три места во понеделникот, објави шведскиот весник „Свенска дагбладет“.
„Две од овие четири штети се во ексклузивната економска зона на Шведска“, изјави за весникот портпаролката на крајбрежната стража Џени Ларсон. Останатите две штети се наоѓаат во данската ексклузивна економска зона.
Шведска: Нема сомнеж дека тоа беа експлозии
Извор од британските одбранбени сили изјави за Sky News дека истекувањето на гасоводот во Балтичкото Море е поврзано со употребата на далечински активирани подводни експлозивни направи.
Тој додаде дека мините можеле да бидат спуштени до морското дно на долго јаже, фрлени од страната на бродот или поставени до гасоводот со подводен дрон пред неколку месеци или дури и години.
Кога беше откриено првото истекување на гас, веќе три дена гас истекуваше во Балтичкото Море. Шведскиот национален сеизмолошки центар претходно соопшти дека станиците регистрирале „силни подморски експлозии“ во областа каде што се случи истекување на гас.
„Нема сомнеж дека тоа беа експлозии“, рече Бјорн Лунд, сеизмолог од Универзитетот во Упсала, кој е дел од Шведската национална сеизмичка мрежа.