Поранешниот англиски репрезентативец, Дејвид Бекам (47) беше забележан од страна на новинарите меѓу илјадниците Британци кои со часови чекаат пред Вестминстер хол да и оддадат последна почит на Кралицата Елизабета.
Бекам откри дека чекал 13 часа, тој ги придоби симпатиите од останатите бидејќи не ја искористил својата популарност за да помине преку ред.
„Мислев дека ако дојдам во 2 часот по полноќ редот ќе биде помал, ама се излажав“, се пошегува тој за Скај њуз, а подоцна додаде: „Посебно е да се биде овде“.
– Пораснав во благородничко семејство и така сум воспитан. Да беа денес живи моите баба и дедо, знам дека би сакале да бидат тука. Значи, јас сум тука во нивно име и во име на моето семејство и очигледно со сите други овде – објасни Бекам.
Светски познатиот фудбалер знаел дека денот кога ќе умре кралицата ќе биде мачен.
– Тешко е за нацијата, тешко е за сите во светот затоа што мислам дека сите го чувствуваат тоа. Нашите мисли се со семејството и очигледно со сите овде дене – рече тој.
Додека чекал во редот Бекам уживал во приказните што луѓето ги раскажувале за кралицата Елизабета Втора.
Поранешниот капитен на Англија изјави дека имал голема среќа што ја запознал кралицата и ја сретнал многу пати во неговата кариера.
Во 2003 година Бекам ја доби наградата „OBE“ за неговиот придонес во фудбалот, OBE е кратенка за Офицер на Редот на Британската Империја.
Тој изјави дека тоа бил неговиот најпосебен момент со кралицата. „Ги земав баба ми и дедо ми со мене, кои навистина ме воспитаа да бидам голем ројалист и обожавател на кралското семејство, па сакав да бидат таму, а таму беше и мојата сопруга. Ѝ поставував прашања и разговарав со неа, бев многу среќен што имав неколку такви моменти во животот, што бев покрај нејзиното височество“.
– Ова е тажен ден, но и ден да се потсетиме на неверојатното наследство што таа го остави зад себе. Сите сакаат да бидат тука за да бидат дел од овој историски момент и да го слават она што Нејзиното Височество го направи за нас – додаде тој.
После 13 часа, Бекам конечно го видел ковчегот на кралицата Елизабета Втора. Скај њуз објави дека тој бил во солзи после тој посебен момент.
Редот граѓани кои чекаат да ѝ оддадат чест на починатата кралица Елизабета Втора во Вестминстер во Лондон и понатаму е близу вкупниот капацитет со очекувано време на чекање од 24 часа, според владината програма за следење на редовите во живо.
На граѓаните им се советува да не патуваат за да се придружат во редот.
Лондонските служби за итна помош апелираа луѓето да понесат лекови доколку примаат одредена терапија и соодветна облека додека чекаат во редот. Исто така, службата вели дека е важно да се обезбедат редовни оброци и течности во доволни количини.