Најновата листа на должници на УЈП која се однесува на долговите доспеани до 30.09.2024 и неплатени до 31.12.2024, има вкупно 1.958 правни лица и 3.914 физички лица, кои заедно должат над 11,3 милијарди денари даноци и придонеси.
Вообичаено на секоја листа има нови должници кои овој пат се 73 со долг од 67,5 милиони денари, малку постари должници регистрирани во 2024 година (795 со вкупен долг од 2,45 милијарди денари и најголемиот дел од нив (5.004) се должници кои се појавуваат со години на оваа листа, а долгот им расте.
Според податоците на Управата за јавни приходи презентирани во соопштението од 1.958 правни лица, 1.432 или 70%, во 2024 година немаат ниту една активност за исполнување на даночни обврски – немаат поднесено даночен биланс за 2023 година, немаат ДДВ пријави, немаат вработени или исплатени плати. Практично, овие фирми постојат само „на хартија“ односно се „мртви“ фирми и тешко дека УЈП ќе може да ги наплати нивните долгови.
На хартија постојат дури 62% од најголемите 100 должници. Тие заедно со 4 физички лица рангирани во ТОП 100 должници должат повеќе од 7 милијарди денари.
Кога се гледаат овие податоци логично е прашањето зошто УЈП не успеала досега да ги наплати долговите од овие компании иако има на располагање повеќе законски мерки за присилна наплата – од блокада на трансакциски сметки и наплата од побарувањата на должникот, до залог, заплени и јавни продажби на имот и наплата од други даночни должници – даночни гаранти и солидарни должници?
„На прашањето зошто дошло до вакви состојби, важно е да се истакне и дека процесот на присилна наплата вклучува правни и процесни пречки кои често го отежнуваат и одложуваат нивното спроведување. Примери за тоа се: нерешените правни статуси на објекти, имоти во сосопственост, хипотекарни права на други доверители, случаи кога заложените движни предмети не може да се најдат и запленат, должници-нерезиденти за кои треба да постапува и странска даночна администрација и сл. Овие пречки го усложнуваат процесот и го намалуваат реалниот капацитет за наплата на овие долгови, а со текот на времето долговите стануваат предмет на законско ограничување за наплата (застареност)“, се наведува како одговор во соопштението на УЈП.
Според УЈП, реалниот капацитет за наплата на заостанатите долгови е намален и во случаи кога даночната задолженост е последица на деловни тешкотии кај даночниот обврзник кои водат до неможност да се наплати долгот.
„Исто така, присилната наплата е чувствителна зона на интеракција помеѓу УЈП и должниците. Често, должниците не покажуваат подготвеност за соработка, а во голем број случаи обидите за избегнување на обврските започнуваат уште пред УЈП да има пристап до информациите за непријавени или неплатени даноци. Овие активности може да вклучуваат пренесување на имот или деловни активности на други лица, поставување на основачи-нерезиденти и слични дејства. Важно е да се истакне дека мерките кои ги презема УЈП не се казнени, туку претставуваат законски механизми со цел наплата на даноците кои се законска обврска. Овие мерки се спроведуваат за да се обезбеди праведност и редовно функционирање на даночниот систем, за да се спречи неправедно избегнување на плаќањето на даноците и да се заштитат чесните даночни обврзници“ се наведува во соопштението.
Од Управата за јавни приходи оценуваат дека има доста простор за зајакнување на капацитетот на УЈП за наплата на заостанати даночни долгови.
„Новиот стратешки план на УЈП 2025 – 2027 содржи иницијативи и проекти, како што се: – дигитализација и автоматизација на процесите, вклучително и воведување систем за електронско следење и управување со предмети, за да се спречат пропусти и субјективизам – воведување ново даночно сметководство, за да се обезбедат ажурни и реални состојби за долговите – воведување на Центар за даночно извршување, за да се зајакне специјализацијата и стручниот капацитет – законски измени за зајакнување на законските овластувања на УЈП“, се наведува во соопштението.
Голем предизвик пред УЈП е да спроведе процес во кој ќе ги разграничи долговите кои можат и кои не можат да се наплатат и оние за кои настапила застареност за наплата.