More

    Стоп за проституцијата во преговорите со источниот сосед

    spot_img

    Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вчера ја брануваше домашната јавност, откако даде изјава дека ние во Македонија не би смееле да го празнуваме Денот на востанието на македонскиот народ, кој традиционално секоја година се одбележува на 11 октомври.

    Ковачев во изјавата дадена за бугарска телевизија, истакна дека празникот 11 Октомври е спорен и дека во целокупниот договор меѓу двете земји, со цел да се симне ветото за нашата интеграција во ЕУ, треба ние да се откажеме и од празнување на „првата пушка“.

    – Таму сè уште е празник, како што го нарекуваат, кога пукнала првата пушка против Бугарите во октомври месец. Ако ништо не смениш од претходниот режим на титова Југославија не може со истата идеологија да влезеш во ЕУ, зашто таа идеологија е директно насочена против друга земја членка на ЕУ – меѓу другото истакна европратеникот од редовите на ГЕРБ.

    Оваа негова изјава предизвика силни реакции меѓу јавноста, но повторно изостана реплика од нашите институции. Ковачев не беше демантиран ни од политичарите во власта, ни од научната заедница во Македонија. Затоа ние прво се обративме кај проф.д-р Тодор Чепреганов, еден од најистакнатите историчари во Македонија, кој порача дека главен виновник за оваа осиленост на бугарските претставници се токму нашите политичари и историчари.

    – Ова е производ на ставот на Владата, бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна да биде прогласен за администратор на нашата територија. Исто така и нашиот претседател во заедничката Комисија за историја (Драги Ѓоргиев н.з.) пред некој ден даде изјава дека тогашната бугарска власт не била фашистичка, туку профашистичка. Ние им помагаме на Бугарите да ја докажат својата теза дека Народно-ослободителната борба (НОБ) е всушност братоубиствена војна меѓу две идеолошки опции на бугарскиот народ. Доколку тие не се фашисти, тогаш и ние не сме воделе антифашистичка борба, а следствено на тоа не се случил ниту АСНОМ (Антифашистичко собрание за народно ослободување на Македонија), со што практично ние ќе станеме Бугари. Сметам дека Комисијата треба веднаш да престане да функционира, бидејќи од нејзината работа произлегува голема штета за нашата самобитност – вели Чепреганов во изјавата за Плусинфо.

    Лидерот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, кој воедно е и универзитетски професот по историја, во врска со изјавата на европратеникот Ковачев за празникот 11 октомври, вели дека се работи за природна ескалација на неприродниот процес кој Бугарија ѝ го наметна на Македонија, а македонските влади спротивно од секој разум и достоинство го прифатија. Тој додава и дека откако се поставија барања Бугарија да биде ослободена од вина за судбината на македонските Евреи, да не биде нарекувана окупаторска, а ниту фашистичка за својата улога како фашистички окупатор во Втората светска војна, логично во ова скала на безумието е и Македонија и Македонците да не се антифашисти и нивната борба да не е ниту народна (зашто не сме биле народ), ниту ослободителна (зашто сме биле ослободени од Бугарија), ниту антифашистичка (зашто Бугарија не била фашистичка) и соодветно да не се слави почетокот на антифашистичката борба во Македонија.

    – Процесот на замена на улогите ќе продолжи понатаму, веќе се поставија други безумни барања од Бугарија да се прифати дека Македонците извршиле непостоечки геноцид над Бугарите и обид прогонувањето на македонските националисти и македонските комунисти сталинисти да биде фалсификувано како прогонување на Бугарите во Македонија. Така Македонците ќе станат злите. Ќе треба ние да им се извиниме за сите нивни и злодела со кои не успеале да создадат бугарска Македонија – и за тоа дека сме се бореле против нив и за тоа што сме создале држава и затоа што постоиме. На крајот македонска нација нема да постои, а само спомен за злиот македонизам. Бугарија ќе биде ослободител и спасител, а оние што се сметале Македонци се со перени мозоци и жртви на монструозен социјален експеримент и инженеринг – изјави за Плусинфо Стојков.

    Тој вината за овој процес ја гледа во работата на повеќе македонски влади кои создале обичај да се проституираат со интересите на македонскиот народ.

    – Доколку македонските влади се однесуваа нормално и пристојно – никој не би му текнало да ги подигне било кое од горните барања. Но кога покажувате дека и за мајка си сте спремен да преговарате, може да се очекува и многу полошо.Одговорите на идејата на Ковачев како и на сите други барања се два. Прво – НЕ! Второ, Бугарија да си го исчисти својот двор. Во случајот, да си го смени празникот 3 март , бидејќи тоа не е празник на ослободување на Бугарија, туку се слави еден никогаш нереализиран прелиминирен договор(Договорот од Сан Стефано н.з.), кој вклучува во проектираната Бугарија територии од сите соседни земји на Бугарија, плус Албанија. Тоа ја вклучува цела Македонија што за нас е провокација, а плус тоа е денот во кој започнала акцијата на апсење и испраќање на македонските Евреи во логорите на смртта. Бугарија да си го смени празникот со датумот на Берлинскиот конгрес (кога станува држава) или датумот на влегување во Европската Унија. Или и тие да го земат за празник почетокот на антифашистичката борба во Бугарија, а ние нема да им замериме за тоа што таа е започната од Македонецот Иван Козарев во Пиринска Македонија – додава Стојков.

    Историските факти велат дека на 11 октомври во 1941 година, со пукањето на првата пушка во Прилеп и во Куманово, започнала вооружената борба на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Тогашната бугарска власт предводена од цар Борис Трети е близок сојузник на Германија, каде на власт е водачот на Нацистичката партија, Адолф Хитлер.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img