More

    Можат ли проектите за еколошко рударење да ја победат стигмата „Не за рудниците“?

    spot_img

    Со својата богата рудна историја, Македонија отсекогаш била меѓу водечките рударски земји на Балканот. Благодарение на значителните резерви на минерални суровини, рударството како индустрија има огромен потенцијал и може да биде клучно за идниот економски развој на земјата. Рударскиот сектор е важен за локалната економија, тој обезбедува работни места, како и зголемен извоз на разни суровини.

    Дополнително, овој сектор може да одигра важна улога во европската зелена транзиција, за што постојат и еколошки аргументи, како за, така и против. Според директорот на Институтот за одржливи метали и минерали „Лувен“, Питер Тим Џонс, кој е автор на книги за оваа тема и климатски активист, зелената транзиција, односно транзицијата кон климатската неутралност, бара масовно производство на електрични автомобили, ветерници, батерии и друго. Ова е возможно само доколку постојат доволно количество ресурси на литиум, никел, кобалт и други минерали. За овие метали се потребни повеќе рудници.

    Подлабоко копање во потенцијалот на Македонија за нови рудници

    Прашањето за балансот помеѓу економските бенефити за Македонија наспроти еколошките предизвици се наметнува како централно тежиште на дискусија која се води со години.

    Рударскиот сектор во Македонија, меѓу другото, вклучува значајни наоѓалишта на олово и цинк. Рудниците „Саса“ „Тораница“ и „Злетово“, кои се значајни за производство на овие метали, придонесуваат за економијата на земјата и нудат работа за голем број жители. Дополнително, Македонија има изобилство резерви на лигнит, што е основа за домашното производство на електрична енергија, иако резервите се исцрпуваат и наскоро може да биде потребен увоз.

    Потенцијалот на Македонија во поглед на металични минерални суровини (суровините од кои се извлекуваат метали) е огромен, објаснува за Плусинфо експертот за минерални суровини, професор д-р Теодор Серафимовски.

    – Не е тајна дека Македонија има потенцијал за полиметални минерални суровини, најнапред за олово, цинк, бакар и зa злато, а нуспродукт е и среброто. Земјава има потенцијал и за ретки елементи, како што се германиумот, кој се добива во олово-цинковите рудници, како и платината и паладиумот, кои се поврзани со златно-бакарните рудници. Од тој аспект, Македонија може да смета на истражување на потенцијалните локалитети и за во иднина – додава д-р Серафимовски.

    Македонија, како држава, вели тој, може да вложува сопствени средства за искористување на минералните суровини, особено на критичните минерални суровини кои сега се барани во Европа.

    Европа во последно време тежи кон критичните минерални суровини, а во нив се вклучени и цинкот и антимонот. Македонија на времето имала продукција на антимон, а во последните неколку децении тоа е застанато, но пазарот ја диктира оправданоста на некои минерални суровини. Има голема пазарна побарувачка на антимон во Европа, па тоа треба да се процени преку новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, па да се бараат заинтересирани за концесии.

    Професор д-р Тодор Серафимовскиексперт за минерални суровини

    – Таму имаме и искуства за кои можеме и понатаму како држава да вложуваме и сопствени средства. Европа во последно време тежи кон критичните минерални суровини, а во нив се вклучени и цинкот и антимонот. Македонија во минатиотио имала продукција на антимон, а во последните неколку децении тоа е застанато. Но, пазарот ја диктира оправданоста на експлоатацијата на некои минерални суровини. Има голема пазарна побарувачка на антимон во Европа, а тоа треба да се процени преку новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, па да се бараат заинтересирани за концесии – објаснува Серафимовски.

    Инаку, Европската Унија (ЕУ) почна да поддржува домашно рударство, со фокус на критични минерални суровини како што се литиумот, бакарот и кобалтот. Оваа стратегија има за цел да ја намали зависноста од увоз на метали од земји како Русија и Кина и да ја поддржи зелената транзиција. ЕУ веќе усвои директива за критични суровини, со која се предвидува побрзо издавање дозволи за експлоатација на руда, што треба да им помогне на инвеститорите во нови рударски проекти.

    Македонија располага со многу природни ресурси, како што се златото, бакарот, железната руда, среброто, манганот, оловото, цинкот и лигнитот, што ја прави економски привлечна за домашни и за странски инвеститори. Бакарот и златото, на пример, се исклучително важни ресурси со долга историја на ископување и користење во разни индустрии, додека, пак, современите проекти во рудникот „Бучим“ нудат нови можности за индустриски напредок и економски развој. Сепак, во Македонија за 40 години е отворен само еден нов рудник, „Боров Дол”, како составен дел на рудникот „Бучим“.

    Нашата земја изобилува со локации на кои можат да се отворат нови рудници. Во последно време се актуелни наоѓалиштата Иловица-Штука и Казандол.

    – Процесот на отворање на овие два рудника беше со низа недостатоци, политизација, предизборни ветувања и слично, па така сега се чека епилог на меѓународен суд. Жално е што во Казандол се почнати рударските активности кои се прекинати, а природата е нарушена и оставена на забот на времето. Сето тоа е резултат на нејасните и недоволно дефинираните развојни активности – објаснува за Плусинфо поранешниот претседател на Македонската асоцијација на рударството (МАР), Николајчо Николов, кој е и поранешен извршен директор на рудникот „Бучим“.

    Според Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), огромен е потенцијалот на земјава за искористување на наоѓалиштата на минерални суровини.

    – Македонија има непроценливо природно богатство и со особено внимание треба се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас, а постапките за доделување концесии почнува со доставување иницијативи од заинтересирани правни лица, согласно член 13 од Законот за минерални суровини (ЗМС) – тврдат за Плусинфо од МЕРМС.

    Рударството нуди златна можност за економскиот раст на Македонија

    По независноста во 1991 година, Македонија создава стабилна економска основа со рударскиот сектор, кој игра значителна улога во бруто домашниот производ (БДП). На пример, во 2014 година, рударската индустрија, која ги вклучува и обработката на камен и производството на природен гас, учествувала со 15,6% во БДП, според Државниот завод за статистика.

    За споредба, рударската индустрија денес придонесува со околу 1% во вкупниот БДП на државата.

    – Рударската индустрија во моментов придонесува со околу 1% во вкупниот БДП на државата, а во индустриското производство учествува со 22,36%. Само металите учествуваат со 11,24%, а останатите минерални суровини со 11,12%. Овој сектор е значаен и поради позитивниот трговски биланс кој годишно надминува 200 милиони долари, од кои над 75% се однесуваат на извозот на метални руди. Во 2020 година, на пример, рударството придонело со 30,7% во вкупните директни инвестиции во земјата – појаснуваат од МЕРМС.

    Рударскиот сектор овозможува и вработување стручно образован кадар, а концесионерите плаќаат и концесиски надомест.

    – Рударскиот сектор е значаен вработувач на високо стручно образован кадар, како и на висококвалификувана работна сила, адекватни на тоа се и платите и придонесите. Рударските претпријатија имаат голем број деловни партнери. Рудниците за обоени метали плаќаат концесиски надомест од 2% од реализацијата, како надомест за концесискиот простор, од кои 78% одат за локалната власт, а 22% за централната власт – објаснува поранешниот извршен директор на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов.

    Согласно член 75 од Законот за минерални суровини, тврдат од МЕРМС, концесионерот, којшто врши експлоатација на минерални суровини, е должен да плаќа годишен надоместок за користење на просторот доделен со концесијата за експлоатација, а во зависност од видот на минералната суровина што е предмет на концесијата за експлоатација.

    – Концесионерот треба да плати и надоместок за експлоатирана количина минерална суровина, а сето тоа го поттикнува економскиот развој на државата – прецизираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Од Министерств0то за енергетика, рударство и минерални суровини додаваат дека рударскиот сектор овозможува повеќе од 8.000 работни места. Само во рудникот „Саса“ се вработени околу 770 работници.

    – Во „Саса“ директно се вработени околу 770 лица, најголем дел од нив се жители на локалната заедница. Нивното колективно знаење, вештини и искуство се од витално значење за развојот на рудникот. Компанијата дополнително ангажира и одреден број надворешни експерти и специјалисти, правејќи го рудникот „Саса“ еден од најголемите работодавци во североисточниот дел на земјата – велат одговорните од рудникот.

    Економскиот развој е директно поврзан со рударските ресурси, велат од МЕРМС, па затоа земји со висока економска развиеност, како Австралија, САД, Канада, Германија и Полска, активно инвестираат во овој сектор.

    Работниците заслужуваат подобри услови, а инспекциските служби имаат ограничени ресурси

    Сепак, не станува збор само за вработувањето нови луѓе, туку и за нивната соодветна заштита. Потребни се силни инспекциски служби кои ќе вршат контрола на условите во кои работат рударите.

    Министерството постојано врши измени и дополнувања на законот и на подзаконските акти, а сѐ со цел подобрување на процедурите, постапките, квалитетот и безбедноста при работа во областа на минералните суровини. За да се врши ефективна контрола врз рудниците, квалитетно и суштински, потребни се силни инспекциски служби. Во моментов, ресурсите на инспекциските служби се ограничени, но Министерството планира зголемување на бројот на вработени и подобрување на техничките капацитети, со цел да се обезбеди квалитетна контрола врз рудниците и нивното работење според законските регулативи.

    Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

    – Министерството постојано врши измени и дополнувања на законот и на подзаконските акти, а сѐ со цел подобрување на процедурите, постапките, квалитетот и безбедноста при работа во областа на минералните суровини. За да се врши ефективна контрола врз рудниците, квалитетно и суштински, потребни се силни инспекциски служби. Во моментов, ресурсите на инспекциските служби се ограничени, но Министерството планира зголемување на бројот на вработени и подобрување на техничките капацитети, со цел да се обезбеди квалитетна контрола врз рудниците и врз нивното работење според законските регулативи – тврдат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Во случај на отворање нови рудници, велат од МЕРМС, надлежните институции ќе вршат редовен мониторинг на почитувањето на високите еколошки стандарди, како што веќе е воспоставено во други компании од металуршкиот сектор.

    – Ќе се разгледаат сите релевантни аспекти, вклучително и придобивките за државата и за локалната економија, како и влијанието врз животната средина. Во овој контекст, планирано е донесување нов Закон за минерални суровини, како и подзаконски акти за уредување на истражувањата и експлоатацијата на минералните суровини. Подготвена е Нацрт-финална верзија на стратегија за одржливо користење на минералните суровини и ќе се воспостави катастар на наоѓалишта и појави на минерални суровини – потенцираат од МЕРМС.

    Нови, стари и оправдани технологии во рударството

    Со одржливи и еколошки-прифатливи технологии, рударскиот сектор во Македонија може да го надмине негативното влијание врз животната средина. Имајќи ја предвид подготвеноста на Владата да ги развива овие технологии, преку партнерства со странски компании, промоцијата на рударството во Македонија може да биде значаен чекор кон огромен економски просперитет. Со развојот на нови технологии за екстракција и за преработка на минералите, Македонија може да го зголеми производството и да го подобри економскиот раст. Но, за да се постигне тоа, потребни се инвестиции во модернизација на рудниците.

    – Сите индустриски активности, меѓу кои и рудниците, кои согласно Уредба би требало да добијат Интегрирана еколошка дозвола, доколку работат согласно најдобрите достапни техники и технологии за соодветниот сектор, имаат минимално влијание врз животната средина. Дали воопшто ќе има рудници или не одлучува Владата, согласно Национална развојна стратегија. Од аспект на Министерството за животна средина и просторно планирање, сѐ додека некоја активност е согласно Уредбата, ние сме обврзани да постапиме по однос на секое барање – тврдат за Плусинфо од Министерството за животна средина и просторно планирање.

    Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги следи европските директиви за развој на рударството кои бараат усогласеност со еколошките стандарди.

    – Во Законот за минерални суровини целосно е имплементирана Директивата за рударски отпад 2006/21/ЕC. Се прават постојани измени и дополнувања на постојните законски акти со усогласување на европските директиви. Министерството е посветено на спроведувањето на концептот за одржлив развој во рударството, согласно европските директиви, кои бараат усогласеност со еколошките стандарди за пласман на производите на пазарот. Во нашата земја, рударските компании, особено оние од поголем обем, активно вложуваат во модернизација на процесите, бидејќи тоа е поврзано и со европските директиви кои од нив бараат почитување на стандардите за заштита на животната средина, како услов за пласман на нивните производи – тврдат од МЕРМС.

    Сепак, според Николов, тешко е едноставно да се дефинираат нови и стари технологии, туку има економско оправдани технологии кои обезбедуваат еколошки одржлива животна средина.

    – Кон тоа треба да се стремиме и ние – категоричен е тој.

    Дали зелениот активизам се претопува во популизам и политиканство?

    Македонија долго време не отвора нови рудници, а ова ограничување произлегува од политичката клима и активизмот против рударството. Упатени велат дека постои и феноменот на т.н. лажен зелен активизам, кој понекогаш е потпомогнат од групи со геополитички интереси. Тој „активизам“ го кочи економскиот развој, предизвикувајќи штета за локалните заедници. Локалните референдуми честопати водат до блокирање важни рударски проекти, кои би можеле да придонесат за подобрување на економските услови.

    Николов смета дека мислењата на многумина од еколошките здруженија, кои се категорично против работењето на рудниците, се популистички и без конкретна содржина.

    – Добро и актуелно е прашањето за рудниците и за еколошките предизвици во нашата земја. Сведоци сме на многу настани, организирани главно од еколошки здруженија, а главниот заклучок е „не за рудници“. Бидејки повеќе од 15 години бев претседател на Македонската асоцијација за рударство во Синдикатот, а и извршен директор во засега единствениот рудник за бакар и за злато, „Бучим Радовиш“, сметам дека дека сум повикан одговорно да го кажам своето мислење. Многу од сите настани се популистички, без конкретна содржина и без ефект. Се изнесуваат произволни и нестручни мислења, некои дури се и смешни. Но, карванот врви. Се постигнаа само забавување на процесот на отворање нови рудници и голем број меѓународни судски процеси, со реална можност автоматски да завршат на штета на нашата држава и на народот – објаснува Николов.

    Според него, екологистите мора да користат стручни мислења, особено за примената на новите светски технолошки и еколошки достигнувања од областа на рударството.

    Не е добро да се користат произволни мислења, а инспекциските органи, помеѓу другото, треба активно да се занимаваат со контрола на правилна експлоатација на рудното богатство и на усвоените проекти. По мое мислење, тешко на државата каде што е пресудно само мислењето на невладините и на еколошките здруженија без удел на науката и на стручната фела.

    Николајчо НиколовПоранешен претседател на Македонската асоцијација на рударството

    – Не е добро да се користат произволни мислења, а инспекциските органи, помеѓу другото, треба активно да се занимаваат со контрола на правилната експлоатација на рудното богатство и на усвоените проекти. По мое мислење, тешко на државата каде што е пресудно само мислењето на невладините и на еколошките здруженија без удел на науката и на стручната фела – додава Николов.

    Мотивите на екологистите не се сосема дефинирани, но сосема неаргументираниот настап на истите, вели тој, зборува дека може да постои и друга позадина.

    – Генерално, држава, без рудници и без дефинирана алтернатива, тешко може да успее. Оттука протестите заради протести не се оправдани. Го сметам за неоправдано и вклучувањето на некои партии и политичари кои ги прогласуваат рудниците за „рудници на смртта”, без соодветни факти за рудниците. Тешко е и што сѐ уште немаме јасен долгогодишен развоен план и можеби е добра идејата на сегашната влада за долгорочен план за развој на државата каде што рударството, минералните суровини и енергетиката ќе си го заземат вистинското место. Тука, секако, својата улога треба да ја одигра новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини – објаснува поранешниот директор на „Бучим“.

    Трите проекти на рудникот „Саса“

    Можен ли е компромис меѓу каузата на зелените, која се сведува на париолата „не за рудниците“, од една страна, и очигледната потреба Македонија да ги искористи своите рудни потенцијали? Експертите велат дека компромисот се вика – еколошко рударење.

    Рудникот за олово и за цинк „Саса“ е најголемиот подземен македонски рудник. Се наоѓа во североисточниот дел од земјата, во близина на Македонска Каменица. Од ноември 2017 година, „Саса“ е дел од Централ Азија Металс (CAML), интернационална рударска компанија која котира на Лондонската берза.

    – Годишно во просек во „Саса“ се ископуваат околу 800.000 тони руда и се произведуваат околу 28.000 тони оловен концентрат и 20.000 тони цинков концентрат, кои примарно се извезуваат во топилници во ЕУ. Ископувањето и транспортот на рудата до површината, вклучително и подземниот транспорт на персоналот, се врши со современи машини и со опрема од реномирани светски производители – објаснуваат од рудникот „Саса“.

    Од вклучувањето на Централна Азија Металс до денеска, потенцираат тие, во „Саса“ се инвестирани околу 80 милиони долари во современа рударска опрема, дигитализација на техничките процеси, реализација на капитални проекти, подобрување на безбедноста, подигнување на стандардите и условите за работа во рудникот, како и во професионалниот развој и едукација на вработените.

    фото: „Саса“ – работа во окно

     

    Во текот на изминатите 3 години интензивно се работи на 3 значајни капитални проекти кои ќе ја трансформираат „Саса“. Со овие проекти се подобрува екстракцијата на ресурсите и транспортацијата на рудата, а и се намалува загадувањето како резултат на складирањето на јаловината во јаловишните езера.

    Првиот проект е изградба на постројка за подготовка на паста за засип, со придружна инфраструктура, дизајнирана да создаде побезбедна и поодржлива подземна работа на рудникот и истовремено да го продолжи неговиот животен век. Употребата на паста за засип ќе ја максимизира екстракцијата на ресурсите, намалувајќи ја потребата од оставање руда на самото место, овозможувајќи и искористување на поголеми количини од неа.

    Вториот проект е изградбата на постројка за подготовка на јаловина за суво одлагање (DST), заедно со површина за одлагање. На ваков начин ќе се намали еколошкиот отпечаток, со тоа што „Саса“ нема да има потреба да гради уште едно јаловишно езеро во текот на постојниот животен век на рудникот. Наместо тоа, јаловината ќе се складира во новиот DST-објект, или ќе се користи како паста за засип под земја. Ова ќе овозможи, почнувајќи од крајот на 2026 година, 70% од минералниот остаток од производството да се складира на поодговорен начин за животната средина, заедно со намалување од 75% на искористувањето на површинските води.

    Третиот проект е развојот на нов поголем централен пристап во рудникот, што ќе овозможи поефикасно транспортирање на рудата и намалување на времето на транспорт на персоналот кој работи под земја.

    Очекувам дека со финализирањето на нашите нови капитални проекти и ставањето во функција на новите постројки, во чија изградба вложивме големи средства, енергија и знаење, добиваме поефикасни рударски технологии за оптимизирање на производството кои ќе обезбедат безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на „Саса“ во годините што доаѓаат.

    Кристофер Колбурнгенерален директор на рудникот „Саса“

    – Задоволни и горди сме на сето она што како тим успеваме да го постигнеме во изминатиот период. Со огромните залагања од сите и со континуираната поддршка што ја добиваме од Централ Азија Металс, „Саса“ успева успешно и на одржлив начин да продолжи да работи и да се развива, создавајќи вредност за сите засегнати страни, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени и за нивните семејства, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за просперитетот на земјата. Очекувам  со финализирањето на нашите нови капитални проекти и со ставањето на новите постројки во функција – во чија изградба вложивме големи средства, енергија и знаење – да добиеме поефикасни рударски технологии за оптимизирање на производството кои ќе обезбедат безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на „Саса“ во годините што доаѓаат – изјави за Плусинфо генералниот директор на рудникот „Саса“, Кристофер Колбурн.

    Одржливоста е суштински дел од сите активности на„Саса“ и е интегрирана во деловната стратегија на компанијата, објаснуваат од „Саса“.

    – Рудникот работи во целосна согласност со националните закони и прописи, ги имплементира најдобрите меѓународни индустриски практики и стандарди за управување со квалитетот, заштитата на животна средина и со здравјето и безбедноста при работа. Комуникацијата и соработката со сите засегнати страни се одвива на фер и транспарентен начин. Исто така, „Саса“ е првиот рудник во земјата со A-интегрирана еколошка дозвола која неодамна беше обновена и проширена, со што дополнително се потврдува успешното управување со компанијата – велат од „Саса“.

    Работата и иднината на „Саса“ се суштински поврзани со животот и со просперитетот на заедницата.

    – Во изминатите шест години, успешното работење на рудникот Саса му овозможи да плати повеќе од 85 милиони долари во форма на различни даноци и надоместоци кои се искористени за поддршка на развојот на земјата и за подобрување на квалитетот на животот на луѓето на државно и општинско ниво. Дополнително, преку својата фондација, „Саса“ секоја година вложува и дополнителни средства наменети за локалната заедница, поддржувајќи го образованието, науката, заштитата на животната средина, здравството, спортот и ранливите социјални групи – додаваат одговорните од рудникот.

    Построението на „Бучим“ е единствено во земјите на поранешна Југославија

    Рудникот „Бучим“, кој се наоѓа во близина на градот Радовиш, исто така игра важна улога во економскиот развој на регионот. Обновен во 2004 година, овој рудник значително го зголемува својот производствен капацитет и произведува злато, бакар и сребро.

    – Карактеристика на сите рудници во нашата земја е фактот што тие произведуваат концентрати на бакар, злато, олово, цинк и на сребро. Практично, тоа е полупроизвод од кој во топилниците се добиваат метали. Изучувањето на можноста за изградба на соодветна топилница, а со цел да се добие додадена вредност, заслужува внимание од државата. Јас поминав 17 години на извршна функција во „Бучим“ и успеавме да го дигнеме на нозе. Сите овие години „Бучим“ беше меѓу педесетината најдобри фирми во земјата. Станавме препознатлива, општествено одговорна и авторитетна фирма – објаснува Николов, потенцирајќи ги своите искуство и успех со рудникот „Бучим“.

    „Бучим“, вели тој, покрај редовните успеси, има две многу значајни дпостигнувања: изградба на построението за лужење со капацитет од 2.400 тони катоден бакар на година и нов рудник за бакар „Боров Дол“ во кој има руда за наредните најмалку 10 години. Станува збор за единствено построение, на теритoријата на поранешните југословенски простори, замислено и докажано како успешен економско-еколошки проект. Денес ова построение, објаснува Николов, дава готов производ катоден бакар со чистота од 99,999% бакар, што е единствен производ во земјата.

    Како да се надмине лошиот глас што го бие рударството?

    Ова прашање е сложено и одговорот вклучува повеќе економски, еколошки и политички фактори. Потребни се иницијатива, вклучување на научната и на експертската фела во дебатата, како и подобрување на државните алатки кои ќе обезбедат подобар инспекциски надзор. Но,  пред сѐ, потребна е едукација на граѓаните за економските придобивки и за еколошката безбедност на квалитетно организираната и регулирана рударска индустрија.

    Македонија има потенцијал да стане важен играч и во европската зелена транзиција, но за тоа се потребни долгорочна стратегија, стабилна правна рамка и инвестиции во модерни технологии.

    Експертите се согласни дека главната пречка за отворање нови рудници е негативната атмосфера којашто е создадена во Македонија. Новиот рудник за бакар „Боров Дол“ во Конче е единствениот нов отворен рудник во последните 40 години. Во овој момент, зелените активисти се успешни во својата битка против рударството. Неколку проекти се искомпромитирани и запрени, а инвеститорите се принудени да бараат правда пред меѓународните арбитражи. Тоа ќе ја чини државата десетици, а можеби и стотици милиони евра.

    Во повој момент, за жал, рударството е фрлено во втор план. И покрај некои очигледни позитивни искуства, тешко се пробива мислата дека е можно еколошко рударење и дека оваа стопанска гранка може сериозно да придонесе за економскиот раст на земјата. Иако, како што веќе рековме, во Европа веќе интензивно се зборува за „климатски неутрална економија“ и за потребата од инвестирање во рударството, Македонија во овој момент тоа не го гледа. Или не сака да го види.

    РУДАРСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ДОЛГА ТРАДИЦИЈА

    Рударството на територијата на Македонија започнало уште во Римскиот период (3 век н.е.), при што најстарите рударски траги се пронајдени во Кратовско-злетовската област.
    Во турскиот период, рударењето продолжило на истите територии, а современото рударство започнало да се развива во 20 век.

    Првите значајни истражувања започнале во 1927 година кога британската компанија „Селекшн мајнс“ (Selection Mines Ltd) добила концесија за експлоатација на руди во рудниците „Плавица“ и „Злетово“. Со текот на времето, рудникот „Злетово“ станал синоним за македонското рударство и оттогаш, па до 2002 година, овој рудник бил еден од најзначајните во државата.

    По Втората светска војна, рударството во Македонија се проширило со отворање на рудниците „Бучим“, „Саса“, „Тораница“, како и со истражувања на неметалните руди во различни региони. Во втората половина на 20 век, започнало ископување метални и неметални руди, вклучувајќи и енергетски суровини во РЕК Битола и во РЕК Осломеј.

    Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img