„Остануваат уште неколку часа за каење пред Блумберг да се претвори во тиква“, напиша на Фејсбук Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, обвинувајќи го познатиот портал Блумберг дека ширеше дезинформации со своја статија во која пишуваше дека утре, на 15 февруари, Русија ќе ја нападне Украина, пренесува Б92. Еве што таа напиша.
„Сите се сеќаваме дека американската агенција Блумберг објави порака дека на 15 февруари „Русија ќе ја нападне Украина“. Дали овој масовен медиум за дезинформација (намерно) не сака да ја разјасни својата прогноза? Остануваат уште неколку часа за каење пред Блумберг да се претвори во тиква, а оние што ја искористија оваа долна воена пропаганда, во стаорци“, смета Захарова.
Вратете се и борете се за Украина
Но, и покрај негирањата на Москва дека ќе има окупација на Украина, тензиите во Киев растат. Си-Ен-Ен тукушто објави дека САД ја затвораат својата амбасада, а преостанатиот персонал „привремено го преместуваат“ во малиот град Лавов во западна Украина.
Претседателот Володимир Зеленски ги повикува украинските бизнисмени кои ја напуштија земјата да се вратат. Само вчера, 30 авиони ја напуштија Украина. Најмалку осум од големите бизнисмени веќе заминале, а меѓу нив се и Ринат Ахметов и Виктор Пинчук, двајцата најбогати Украинци според Форбс.
– Народот ви даде доверба, не само да управувате со земјата, туку и да ја браните. Ваша директна обврска е во оваа ситуација: да бидете заедно со нас, со украинскиот народ. Ви предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да стоите рамо до рамо со украинската армија, со нашата дипломатија, со нашиот народ.
– Вашата сила не е во вашите пари, ниту во авионите, туку во граѓанскиот однос што сакате да го покажете. Вратете се кај својот народ и во вашата земја, благодарение на кои ги добивте фабриките и богатството – заклучи Зеленски во своето обраќање.
А, додека авиони одлетуваат од Киев, во Полска слетаа уште осум НАТО-вски борбени Ф-15-ки.
Господине Зеленски, дојде часот
Во еуфоријата околу објавувањето на точниот час на војната не изостана ниту чеченскиот лидер Рамзан Кадиров кој им се обрати на народот на Украина и на претседателот Володимир Зеленски.
„Господине Зеленски! Како никогаш досега, помина времето за глупости“.
Чеченскиот лидер потсети дека ниту претседателот на Русија Владимир Путин, ниту граѓаните на Русија не сакаат ситуацијата да ескалира.