„Кога имаш пари, немаш време бидејќи работиш, работиш и работиш, а кога имаш време, немаш пари”.
Ова е размислата на протагонистот, во една од приказните на „Почитувани бубачки и други морничави приказни”, кој се соочува со сопствената немоќ во денешното капиталистичко општество додека неговиот поранешен соученик со надимак Ќоро, кој сега е богат и успешен, па веќе не е Ќоро бидејќи направил ласерска операција на очите, му објаснува како да успее и да инвестира за да се збогати.
Писателката Маша Колановиќ во „Почитувани бубачки и други морничави приказни” (Арс Либрис, 2024) низ стилизацијата на бизарниот свет во нејзиното четиво, директно се осврнува на политичките и на економските проблеми на Балканот, особено во Хрватска, со не толку суптилна критика на социјалните текови во „новата Хрватска” која е бездушен контраст на старата Хрватска во нејзините приказни.
Во нејзиното неоапсурдистичко дело, во кое старците, кои се чест мотив во нејзините раскази, се судираат со новата технологија, мобилните телефони, модерните супермаркети, со денешниот Дубровник којшто сите го познаваат поради серијата „Игра на тронови”, па стануваат заборавени и изолирани од модерните општествени текови. Тие живеат во имагинарната хорор верзија на Дубровник кој е некаква експресионистичка, мунковска репрезентација на вистинскиот град (со многу вриштење). Дискриминирани и отфрлени, осамени, со скршени колкови и заборавени од блиските…
„Дубровник е само за туристи. Кој се снашол и инвестирал сега е богат…”, спомнува еден нејзин лик чијашто почината баба е закопана со мобилниот во ковчегот бидејќи кога била жива прочитала дека некои несреќници ги закопуваат живи, па ги замолила внуците да остават телефон во нејзиниот ковчег и да ѝ ѕвонат во случај да биде жива.
Старците се принудени да престојуваат во старечките домови, избркани од технологијата и сосем неискусни за неа, опишани како мрачни и потиштени фигури, речиси безживотни. Некои од нив имаат ентузијазам да ја разберат како што е таткото на протагонистот во еден од расказите, кој треба да плаќа огромни сметки на телефон бидејќи бил измамен од мобилниот оператор, па решава да навлезе во светот на новите смарт телефони, додека не се опседне со телефонот.
Нејзините ликови се прегазени од модерната технологија во бездушното капиталистичко и технократско општество, општество со мекдоналдизација, со ист ИКЕА квалитет за сите, свет во кој големите и стерилни супермаркети ги газат старите пилјари и им го одземаат животот, растејќи врз нивните рушевини. ИКЕА ни помага да ги исчистиме домовите од рустикалниот ентериер на нашите родители, со нивниот старински кафеав мебел и пожолтени ѕидови од чадот на цигарите на нашите татковци, го измиваат старото.
Колановиќ пишува во нелинеарен стил, со непревидлив наративен тек. Понекогаш започнува со опсежна експозиција, па дејството одеднаш е претставено во забрзан тек на свеста, па завршува апсурдно. Ако се направи аналогија меѓу темпото на пишување и музичкиот ритам, таа свири во неправилен такт, некоја форма на хорор прогресивен ремикс на Шенберг, во кој на крај апсурдот ја голта приказната и читателот не знае дали да се смее, да заплаче или да остане во лимбото на вознемиреноста додека наполу се смее.
Расказите се надреални, но во директна релација со реалните проблеми на денешницата.
„Бубачките” на Колановиќ ги скокоткаат бубачките во нашата глава и ни ги поттикнуваат анксиозноста и наметливите мисли низ вивидни сцени кои можат да бидат тешки за неподготвениот читател. Јас, иако обожавател на хорор фикцијата, бев потресен од некои раскази бидејќи нејзиниот хорор е поврзан со вистинските хорори на општеството. Јас сум љубител на хорорите, но ги сакам кога се фантастични и оддалечени од вистинските проблеми, како некаква форма на ескапизам. Нејзиниот хорор не е оддалечен, тој се однесува на нашите секојдневни проблеми. Додека читав некои од нејзините раскази, повремено ја фрлав книгата, па потоа љубопитен ѝ се навраќав за да видам како ќе заврши расказот.
Во хиперреалноста на модерните смарт телевизори и телефони, веќе нема место за старците и за болните, тие се реминисценција од некое друго далечно минато.