Земјата годишно губи повеќе од половина од произведената вода за пиење или 146 милиони кубици вода. Вкупно 43% од овој губиток на вода за пиење се во главниот град, Општина Вевчани, пак, ја губи речиси целата вода која тече низ водоводните цевки или 86% од произведената вода. Поради високата загуба на водата и релативно ниските цени на услугата речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 %, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации за потрошувачката и цените на водата за пиење во земјава.
Според анализата од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат 146 милиони кубни метри.
Од градовите, Скопје според оваа анализа е лидер во губитокот на вода за пиење со 63 милиони метри кубни годишно, што е 43% од целата загубена вода во земјава.
Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Во Гостивар годишно се губат речиси 9 милиони кубни метри вода, во Тетово 7 милиони кубни метри вода за пиење, а во Кичево повеќе од 6 милиони. По 5,8 милиони метри кубни вода за пиење секоја година се губат и во Охрид.
Штедливи во овој однос на губењето на водата за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.
Во процентуален износ, како неприходувана, а произведена вода за пиење, најмалку вода губи водоводното претпријатие во Желино, само 2%, додека најголема загуба на вода од дури 86% има вевчанското претпријатие. Најголеми загуби на вода за пиење, сите над 80% од произведената вода, имаат Вевчани, Новаци, Каменица, Долнени, Дебар и Кратово.
Истражувањето покажува и голема разлика во цената која граѓаните ја плаќаат за потрошена вода. Така, најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,50 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе.
Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.
Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од Источниот Регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе.
Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно.
Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.
Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода. Или, фирмите просечно трошат 194% повеќе вода отколку домаќинствата.
Кога станува збор за потрошувачката на вода за пиење, просекот меѓу големите градови е околу 10 кубици месечно по домаќинство. Но, охриѓани просечно трошат по околу 6 кубици, додека тетовчани по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од 9 кубици.
Големи се и разликите на регистрирани потрошувачи на вода за пиење по општините.
Покрај Скопје, кое има 271.000 регистрирани домаќинства, со над 30 илјади регистрирани потрошувачи се само уште три градови, Битола, Охрид и Куманово. Над 20.000 потрошувачи има Прилеп, а сите други градови во земјава имаат помалку од 20.000 регистрирани потрошувачи, вклучувајќи меѓу нив и некои големи градови како што се Тетово, Гостивар, Струга и Штип.
Кај останатите потрошувачи, исто така води Скопје со регистрирани 10.000 правни лица – потрошувачи на вода за пиење. Следат Тетово и Битола со повеќе од 3.000 потрошувачи, па Куманово со околу 3.000. Охрид и Прилеп се со по околу 2.000 потрошувачи, а помеѓу 1.000 и 1.500 потрошувачи имаат Струмица, Струга, Кавадарци и Штип.
Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење, а дури 44% од нив лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра. Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра, има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга. Кај 72 % од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40%.