Децата никако не треба да се оставаат сами во автомобилот, а секако не треба да се оставаат на високи температури. Сепак, ваквите случаи ги полнат весниците во текот на летните месеци.
Заменик-раководителот на Заводот за итна медицина на Бјеловарско-билогорската жупанија во Хрватска, Бранко Новковиќ, испратил апел до родителите да не ги оставаат децата во автомобил дури ни накратко, објави хрватски Индекс.
– Деновиве лично бев сведок на ситуации кога родителите ги оставале децата во жешки автомобили за да одат во продавница или во киоск минута или две. Децата сами тропаат на прозорците за родителите да дојдат побргу, а престојот во жежок автомобил, дури и кратко, ќе го зголеми отчукувањата на срцето и тоа може да биде многу опасно за нив – истакна Новковиќ.
Што точно се случува кога ќе оставите дете во прегреан автомобил?
Децата се неверојатно чувствителни на топлина, па мерките како паркирање под сенка и оставање на прозорецот отворен не значат дека нема да се случи трагедија. Во рок од 60 минути поминати во автомобил, температурата на телото може да достигне 38 степени, да се појави хипотермија, потење и жед. На детето му станува многу непријатно. По 90 минути, температурата на телото може да се искачи до 39 степени, поради што детето почнува да се поти, да поцрвенува и му се зголемува пулсот. Децата со епилепсија може да почнат да се грчат. По 150 минути со телесна температура од 40 степени се јавува несвестица, дехидрација, слабост, повраќање, отежнато дишење.
Ако автомобилот е со темна боја, ова се случува уште побргу
По 65 минути поминати во возилото, детето почнува обилно да се поти и има зголемен пулс. По 95 минути, неговата телесна температура може да се искачи до 40 степени. Се јавуваат несвестица, дехидрација, слабост, повраќање, отежнато дишење. По 170 минути, температурата на телото е 41 степен Целзиусов. Се јавуваат силни главоболки, вртоглавица, конфузија, халуцинации и делириум. Во оваа состојба, потребна е итна медицинска помош.
Ако оставите дете во автомобил кога надвор е облачно, а температурата на воздухот е 24 степени Целзиусови, во рок од 40 минути детето ќе биде испотено, жедно и изложено на ризик од хипертермија.
Во автомобил со темна боја, ова може да се случи за само 35 минути.