Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска го критикуваше повторното назначување на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија, како и кандидатурата на поранешната естонска премиерка Каја Калас за шеф на дипломатијата на ЕУ.
– Фон дер Лајен е добро позната како некој што не е поддржувач на нормализација на односите меѓу ЕУ и Русија, така ја паметиме – рече Песков.
Говорејќи за Каја Калас, портпаролот на Кремљ рече дека таа сѐ уште не покажала дипломатски склоности и е позната „по своите апсолутно непомирливи, а понекогаш дури и русофобни изјави“, пренесуваат руските медиуми.
– Изгледите за односите меѓу Москва и Брисел се лоши. Не мислиме дека европската дипломатија некако ќе функционира во однос на нормализирање на односите – рече Песков, одговарајќи на прашањето како Кремљ ги доживува кадровските промени во ЕУ.
На првиот ден од самитот на Европскиот совет, лидерите на ЕУ го избраа поранешниот португалски премиер Антонио Коста за претседател на Европскиот совет и ја номинираа Фон дер Лајен за кандидат за новиот мандат на чело на Европската комисија, а Калас за Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Именувањето на Фон дер Лајен и Калас на функцијата претседател на Комисијата, односно шеф на европската дипломатија, сега мора да го потврди и Европскиот парламент. Од друга страна, самиот Европски совет го избира својот претседател.