More

    Оффест ни организираше 4 фантастични вечери со светска музика, не наша, ама за нас

    spot_img

    Четиридневното изданиe на годинешниот Оффест (ако не ја сметаме првата филмска вечер во Кинотека и промоцијата на најновото издание на Пијан Славеј, „Нудист“), заврши и беше вистинско освежување во жешките скопски вечери.

    Ако се земат предвид сите недостатоци на градот, нема летна сцена, има изгор лета, беше тоа фантастичен фестивал со музичари кои сме среќни што имавме можност во живо да ги гледаме, да ги слушаме, ама и да ги играме…

    А играњето, докажано, е навистина лек и за телото и, особено – за душата.

    Како и да е, од отворањето на дваесет и третото издание на ОФФест па сѐ до крајот, немаше промашена вечер.

    Мразот го скршија гитаристот од Нигер, Омара Моктар-Бомбино и неговиот бенд и не поттикнаа да се размрдаме и да се прераспоредиме во салата на МОБ, за да можеме да играме, наместо да седиме како „дрвени Марии“ и да ракоплескаме на музика на која, ако не заиграте, велат, може да полудите.

    Султанот на сахарскиот блуз, како што го нарекуваат Бомбино, ја одведе скопската публика на музичко патување низ пустинските дини, во земјата на Туарезите.

    Неговиот настап во Скопје беше последен во рамките на неговата турнеја и промоцијата на албумот „Sahel“, по што најавија дека си одат дома.

     

    По нив следуваше вистинска експлозија, јужноафриканските ѕвезди BCUC кои би можеле да ги опишеме како афрофутуристички панк, но ќе изгледа како расфрлање со зборови за звук кој едноставно ѝ пркоси на секоја класификација.

    Овој седумчлен бенд претставува френетично вриење од енергија на сцената, звукот е мешавина од тапани, гласови, свирежи, басови.

    Мелодиите се судираат со извикувани скандирања и повеќејазични рапови во вртоглавиот вител на енергија, духовност, политичка страст и незадржлива радост. Мора да го доживеете за вистински да ја добиете сликата, залудно ќе ги слушате албумите ако не ги видите во живо.

    И двата бенда си отсвиреа чесно, до даска, по цели два часа, па дури и кусур искористен за срдечни и мокри прегратки со најупорните танцувачи.

    Втората вечер на 23. издание на Офф-фест ја отвори холандскиот бенд „Бои аки“. Овој состав повеќе од 25 години го предводат пејачката Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Броувер и во нивната музика можат да се почувствуваат примеси на музичките традиции од сите страни на светот, како индиската, меланезиската, африканската и европската, но и импровизации. Да, особено импровизации.

    Нешто сосема поинакво од претходната вечер, од сѐ по малку…Имаше делови кои мислевме дека никогаш нема да завршат, но имаше и такви кои сакавме да траат малку подолго.

    Звук кој ги обединува акустичните и електронските звуци со топлиот, фантастичен глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на англиски, а понекогаш на харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко.

    По нив и концертот на француско-етиопскиот бенд „Куту“ кој бил формиран во Адис Абеба од францускиот композитор и виолинист Тео Секалди, откако го открил гласот на рок-пејачката Хејван Гебреволд, прекрасна во секој поглед, заводлива и со глас и со стас, а особено со својот настап.

    Тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува азмари и етиопските џез корени со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешнината и селекцијата на етиопски племенски ритми, Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција.

    Верувам дека момците што на крајот ги поканија да се качат на сцената, имале долга бессона ноќ.

    Третата вечер, воедно и најкратка на целиот фестивал, имавме среќа да ни го донесат виртуозот на гитара, со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, кој го претстави своето творештво, кое му донесе светска слава и придонесе неговото име да стане референца за фламенко гитарата денес.

    Шпанскиот гитарист Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист, Пако де Лусија.

    Со драматичен старт, кој покажа кој е ѕвезда на вечерта, Висенте Амиго покажа дека целосно го заслужува тронот на кој седеше на сцената на МОБ. Штета што мораше да заврши после час и половина, но кога се седи, тоа е сосема доволно за да се доживее сета виртуозност и убавина на неговата гитара, но и онаа на неговиот придружен бенд од врвни музичари.

    Последната вечер, во Младинскиот културен центар беа концертите на дури три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ (VOLOSI) со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем КАЛАТА (KALATA), како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД (NAKED).

    ВОЛОСИ се феномен на светската музичка сцена, основан во 2010 година кога виолинистот Кшиштоф Ласон и виолончелистот Станислав Ласон, длабоко во срцето на Карпатите, запознале тројца исклучително талентирани традиционални музичари.

    КАЛАТА е неофолк бенд формиран во 2018 година во Скопје, кој почнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ.

    НЕЈКИД се синоним за отворено срце и чиста душа. Идеите за слобода, надеж и љубов отсекогаш го инспирирале творештвото на овој српски бенд, еден од највиталните експоненти на денешната балканска и светска музичка сцена.

    Епа тоа беше тоа. Догодина, здравје!

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img