Во пресрет на прес-конференцијата на Мицотакис во неделата, лидерот на СИРИЗА преку социјалните мрежи му постави седум прашања на Мицотакис за различни теми, меѓу кои и за учеството на ВМРО на изборите под името „Твоја Македонија“.
– Што направи кога ВМРО, која исто како и НД ѝ припаѓа на Европската народна партија, на изборите во Северна Македонија учествуваше со коалицијата на партии под името „Наша Македонија“? Го покрена прашањето пред некој од неговите соговорници? Испрати некое писмо до господинот Вебер, госпоѓата фон дер Лајен или молчеше пред провокацијата? – го праша Каселакис меѓу другото Мицотакис.
Лидерот на СИРИЗА во неговите говори повеќе акцентот го ставаше на внатрешно-политичката ситуација во земјата и актуелните домашни проблеми.
Трите меморандуми што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент беа уште една во низата теми за препукување меѓу власта и опозицијата во Грција.
Владата смета дека се „преговарачко оружје“ за Грција, од кое земјата не смее да се откаже, а опозициската СИРИЗА го поддржува ставот дека изгласувањето на меморандумите ќе ја унапредеше соработката, но и дека тоа што не се ратификувани им штета на интересите на земјата.
СИРИЗА од истите причини на средината на мај одново ги донесе во Парламентот, како нови предлог закони.
Според лидерот на партијата „протоколите се позитивни за Грција и од геополитички причини и од економски-развојни причини и добро е да се ратификуваат“, додека претседателот на пратеничката група на СИРИЗА при доставувањето рече дека „Мицотакис, наместо да го промовира Договорот, се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија“.
Од Владата пак, јасно порачаа дека „во овие околности меморандумите нема да се ратификуваат во грчкиот Парламент“.
Мицотакис во едно од интервјуата посочи дека ги следеле политичките случувања кај нас, гледале дека доаѓа нова Влада и го читале тоа што се кажуваше и затоа, како што објасни, избрале да не ги ратификуваат меморандумите, но и дека не планираат да го сторат тоа „сè додека не се апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа“.
Надворешната политика, односно т.н. национални прашања веројатно влегоа во предизборната кампања и од внатрешно-политички причини, со оглед на тоа што постојат партии подесничарски од Нова демократија, кои според аналитичарите во Грција, се борат за глас повеќе и од гласачите на владејачката партија особено во северниот дел од земјата.
Една од тие партии е и радикално десничарската Грчко решение на Кирјакос Велопулос, која за разлика од ланските парламентарни избори кога доби 4,44 отсто од гласовите, сега котира многу повисоко, борејќи се за четвртата позиција со рејтинг од над седум проценти, согласно истражувањата на јавното мислење.
Ставот на Велопулос е дека „Македонија е една и е грчка“, не го признава Договорот од Преспа и бара да се поништи, а во рамките на неговата политика, на средината на мај, за време на расправа во Парламентот, на сосема друга тема, од собраниската говорница го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако Владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот.
За конкретната постапка, Мицотакис во едно од интервјуата рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса“.
Во однос на тоа дали со актуализирањето на Договорот од Преспа, конкретната тема ќе игра улога во резултати, иако станува збор за европски, а не за парламентарни избори, дописничката на МИА од Атина, пред десет дена, побара одговор од портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, кој посочи дека „одговорот е субјективен и се однесува на секој гласач посебно“, врз основа на кои критериуми граѓаните ќе гласаат и додаде дека тие како Влада се задржале на теми со европска димензија.
-Но, има и актуелни прашања, дали од надворешната или внатрешната политика, кои ги засегаат граѓаните. Прашањето кое го споменавте не влезе во предизборната агенда од Владата. Владата, како што имаше обврска, реагираше на неприфатливото, историски погрешното и спротивното на билатерално договореното и изгласано од двете земји, како што е наведено во Договорот од Преспа, рече Маринакис на редовниот брифинг со новинарите.
За пораките од Грција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во средата коментираше дека негова претпоставка е дека „хистеријата што се случува кај нашиот јужен сосед веројатно е дел од нивната предизборна кампања“.
Предизборниот период во Грција заврши, а Грците утре ќе ги одберат нивните претставници во Европскиот Парламент.