Мултинационална автомобилска производствена корпорација „Стелантис“ (Stellantis) од септември ќе почне да продава електрични возила (ЕВ) од својот кинески партнер „Липмотор“ (Leapmotor) во 9 европски земји, со што ќе ја прошири својата палета на буџетски автомобили, изјави шефот на компанијата Карлос Таварес.
– Продажбата на заедничкото вложување „Стелантис“ и „Липмотор“ ќе се прошири во Јужна Америка, Блискиот Исток, Африка, Индија, Азија Пацифик почнувајќи од четвртиот квартал на 2024 година – рече Таварес во кинескиот град Хангжу.
Заедничкото вложување наречено „Липмотор Интернационал“, кое е во 51% во сопственост на „Стелантис“, има намера да ги продава електричните возила надвор од Кина и исто така да ги произведува надвор од Кина, потпирајќи се на производствените бази на „Стелантис“.
Заедничката компанија цели до 2030 година да постигне продажба од 500.000 возила надвор од Кина.
-Ќе бидат пуштени во продажба моделите TO3 и C10, а во следните 3 години планираме да произведуваме по еден нов модел годишно – изјави Таварес.
Таварес рече дека сите одлуки за производство ќе се засноваат на проценки на трошоците и квалитетот, и дека фабриката на „Стелантис“ во Тичи, Полска, би можела да биде меѓу можните локации за производство.
Главните европски марки на „Стелантис„ се „фиат“, „пежо“, „ситроен“ и „опел“, додека марки од САД се „џип“, „крајслер“ и „рам“.