Денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод одбележување на 29 Април, Денот на Министерството за надворешни работи на прес конференција ги наброи клучните достигнувања на дипломатијата во последните четири години. На 55 години, или повеќе од половина век, од создавањето и развојот на дипломатската служба, Османи ја истакна цврстата заложба и непоколебливиот стремеж на дипломатите за максимален придонес кон изградбата на нашата држава како отворено, културно богато, развиено и плуралистичко општество. Воедно, потенцира дека вистински успех е етаблирањето на државата во меѓународнaтa сцена како модерна и стабилна земја, успешен модел на функционална мултиетничка демократија, членка во сите важни регионални и меѓународни организации, земја која ги почитува меѓународните принципи и правила и земја која помага на другите земји при потреба.
“Во изминатите четири години направивме многу, како во однос на исполнувањето на главните стратешки приоритети во надворешната политика, така и во однос на реализацијата на нови проекти и иницијативи и со гордост можам да заклучам дека и покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања, успеавме Северна Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки“ истакна Османи.
Меѓу клучните достигнувања Османи ги издвои: почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и целосната стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ; Стратешкиот дијалог со САД; поддршката на Украина; заедничкото учество со сојузниците во мисиите предводени од НАТО долж Источното крило на Алијансата, во рамки на зајакнатото истурено присуство во Латвија, во Романија и во Бугарија.
“Направивме видливи промени во регионални рамки, наметнувајќи се како регионален лидер во промовирањето на добрососедската политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања и преку промовирање стабилност во регионот. Како посебна додадена вредност за промовирање на државата во меѓународната сцена и во регионот беше иницирањето и развивањето на платформите: Преспа форум за дијалог, кој во јуни 2024, ќе го доживее своето четврто издание, неформалната платформа за политичка соработка Иницијатива Б6 и Иницијатива 8 за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот 8” додаде Османи.
Османи ги изброи и следните успеси: членството во Црноморската економска соработка во 2020 г., во Меѓународната организација за сеќавање на холокаустот во 2021 и во Унијата за Медитеранот во 2022 г.; успешното претседавање со Фондот за Западен Балкан во 2021 г., со Медитеранските партнери на ОБСЕ во 2022 г., со ОБСЕ и со САД-Јадранската Повелба во 2023г. и актуелното претседавање со ПСЈИЕ кое ќе го завршиме во јуни оваа година, а во чии рамки како посебно значаен дел ќе биде одржано и четвртото издание на Преспа форумот за дијалог како и екипирањето на дипломатско конзуларните претставништва, унапредувањето на економската дипломатија, проектот МКарта, поставувањето базни и мобилни станици и СОС дежурната линија во ДКП-та.
Историјата на институција надлежна за надворешната политика започна на 29 април, пред точно 55 години, во Скопје, кога беа зачнати корените на дипломатската служба со формирањето на Бирото за односи со странство. По стекнувањето на независноста во 1991 година, ова исто тело прерасна во Секретаријат за односи со странство, за три години подоцна, конечно да се трансформира во Министерство за надворешни работи.