Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски се придружи кон апелот на Јавното обвинителство и побара да не се споделуваат чувствителни информации во врска со убиството на 67-годишниот лекар чие безживотно тело со повеќе убодни рани пред две недели беше пронајдено во автомобил паркиран во близина на поликлиниката „Железара“.
Апелот на министерот Тошковски и на Јавното Обвинителство доаѓа откако денеска дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада Митко Бојмацалиев рече дека лекарот не бил убиен во автомобилот, туку на друго место, а неговото тело било донесено во возилото.
Министерот истакна дека иако не ги слушнал изјавите на неговиот колега, сепак, тие се несериозни и непрофесионални.
Тој рече дека не моѓе да сподели повеќе детали во врска со овој случај, затоа што МВР презема дејствија во врска со свирепото убиство.
Од изјавата на Бојмацалиев се огради и Јавното обвинителство од каде истакнаа дека сè уште не е откриен сторителот на кривичното дело.