Во Виена се стравува дека двете жени Романки од видеото на кое наводно се гледа исчезнатата Данка од Србија можеби засекогаш ја напуштиле Австрија, вели анонимен извор за српски „Информер“.
– Толку прашина се крена овие три дена во цела Австрија што двете жени најверојатно побегнале. На излезот и влезот во Австрија има камери за препознавање лица, па дури и да ја напуштат земјата можеби ќе можат да ги најдат – вели за „Блиц“ Живојин Трифуновиќ, Србин кој живее петта деценија во Виена.
Трифуновиќ вели и дека граѓаните во Виена се прашуваат зошто двете жени не се јавиле да ја демантираат снимката ако тоа не е нивното дете. Останува нејасно и зошто човекот кој го снимил видеото не ја повикал полицијата туку потрошил доста време за да пријави во српската амбасада. Трифуновиќ вели дека за снимателот се коментира дека немал австриска виза или дека можеби имал казна.
– Кај Србите (во Виена) општо се коментира дека овој човек најверојатно нема виза, или можеби има некаква казна и затоа не смеел да повика полиција. За жал, во Виена има многу Срби кои немаат виза или имаат казни. Сега цела држава ги бара тие две жени и девојчето, но многу време е изгубено – вели Трифуновиќ.
Тој вели дека виенската полиција користи фоторобот со пет клучни точки од лицето на жените, но дека поради тоа што снимката е направено во темно, прашање е дали оваа техника ќе вроди со плод.
– И Романците кои живеат во Виена се во шок, се прашуваат кои се тие две жени. Како што кажав претходно, проблемот е во лошите снимки и тоа што беше темно. Сликата треба да биде остра за системот со пет точки на виенската полиција да може да ги препознае носот, очите и устата на луѓето од видеото. Не сум сигурен дека системот може да таргетира лице од ова видео, иако австриската полиција има филтри. Сите се надеваме дека може.
Српски Б92 пренесе дека австриската полиција соопшти дека голема е веројатноста на видеото да се види исчезнатото девојче.
„Откако роднините на исчезнатото девојче ги погледнаа сликите, претпоставуваат дека многу веројатно се работи за исчезнатото девојче од Србија. Виенската полиција бара апсење по налог на јавното обвинителство“, соопшти полицијата.