Научниците велат дека се блиску до развој на тест на крвта кој би можел да ги идентификува милионите луѓе кои несвесно шират туберкулоза, пренесува ДПА.
Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон открија група биолошки маркери кои се наоѓаат на високо ниво кај заразните пациенти.
Туберкулозата или ТБ е најсмртоносната заразна болест во светот и одзема повеќе од милион животи секоја година, според Светската здравствена организација (СЗО).
Студијата, спроведена со експерти од Универзитетот во Кејп Таун во Јужна Африка и Универзитетот Каетано Хередија во Лима, Перу, користела нова техника која идентификувала збир од шест протеини кои се многу прецизни во откривањето на туберкулозата.
Водечкиот автор д-р Хана Шиф, експерт за респираторни болести на Универзитетот во Саутемптон, рече дека тестот може да помогне да се идентификуваат околу три милиони случаи кои биле пропуштени минатата година, повеќето од нив во земјите во развој.
„ТББ останува глобална катастрофа бидејќи нашите напори да го контролираме нејзиното ширење се попречени од несоодветното тестирање, кое е бавно и зависи од специјализирана опрема и лаборатории“, рече таа.
„Третина од луѓето кои се инфицираат не добиваат дијагноза и остануваат заразни“.
„Во нашата студија, комбиниравме нова техника на мерење со длабока математичка анализа за да ги идентификуваме овие шест нови маркери за ТБ. Ова би можело да доведе до трансформативна алтернатива за дијагностицирање на болеста – едноставен тест кој открива протеини во крвотокот чии нивоа се разликуваат помеѓу луѓето со ТБ, здрави индивидуи и оние кои страдаат од други респираторни заболувања.
Таа објасни дека туберкулозата се шири со вдишување на ситни капки од кашлањето или кивањето на заразените луѓе, и иако главно ги погодува белите дробови, може да уништи кој било дел од телото.
Бројот на случаи во Обединетото Кралство се искачи на околу 5.000 минатата година и се очекува да продолжи да расте во 2024 година, според Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство.
Студијата, објавена во Journal of Clinical Investigation Insight, вклучувала испитување на протеините пронајдени во крвта на луѓето со активна туберкулоза во Африка и Јужна Америка.
Научниците ги споредиле биомаркерите со оние пронајдени кај здрави луѓе и пациенти со инфекции на белите дробови, идентификувајќи 118 протеини кои биле значително различни помеѓу групите.
Експертите потоа ги намалија на шест протеини за кои велат дека може да се користат за разликување на заразни пациенти со ТБ од луѓе со добро здравје или со проблеми со белите дробови.
Ко-водачот на студијата, д-р Дијана Гарај-Бакеро, исто така од Универзитетот во Саутемптон, рече дека резултатите даваат насоки за развој на тест за туберкулоза што би бил едноставен како брзите тестови за антиген на „Ковид-19“ што се користат за време на пандемијата.
„Новите маркери што ги откривме се навистина возбудливи, но сега е важно да се развијат во тестови кои можат да се користат за милиони луѓе кои носат ТБ без да знаат“, рече таа.
„Како што докажа пандемијата „Ковид-19“, на наша опасност ги игнорираме многу заразните болести во воздухот“.