ПАОК и Динамо од 18:45 часот во Солун го играат реваншот од осминафиналето на Конференциската лига.
Грчката полиција е во состојба на готовност во пресрет на вечерашниот реванш осминафинален натпревар од Конференциската лига меѓу ПАОК Солун и Динамо Загреб.
УЕФА двата меча ги окарактеризира како ризични, особено по она што се случи летово во Атина и убиството на навивачот на АЕК, Михалис Кацурис.
Затоа, одлуката за забрана на гостински навивачи и во Загреб и во Солун не беше изненадувачка. Првата средба помина без никакви инциденти.
На полицијата во Грција и е наредено да уапси сомнителни лица пред да влезат во градот. УЕФА на секој натпревар назначи по двајца безбедносни службеници, а полициските служби на Грција и Хрватска се обврзаа да соработуваат со соодветните служби на другите балкански земји, особено оние кои граничат со Грција.
Грчките медиуми пишуваат дека последните два дена се врши строга пасошка контрола на сите влезови во земјава и темелно пребарување на списоците на патници на летовите со крајна дестинација на аеродромот во Солун, Македонија.