Сослушувањето за барањето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, Британија да не го екстрадира во САД започна во Високиот суд во Лондон, а Асанж не беше во судницата ниту се поврза преку видео врска од затворот, бидејќи не се чувствува добро.
Адвокатот на Асанж, Ед Фицџералд, му се заблагодари на судот во име на Асанж за напорите што ги вложил за да види дали основачот на Викиликс може да присуствува, но им рекол на судиите дека неговиот клиент не се чувствува добро и затоа воопшто нема да присуствува на сослушувањето, пренесува Би-Би-Си. .
„Асанж побара дозвола да присуствува и ние ја одобривме“, рече една од судиите, Викторија Шарп.
Адвокатот на Асанж тврдеше дека треба да му се дозволи да поднесе жалба.
Тој пред судот изјави дека Асанж бил изложен на „неоправдано мешање во слободата на говорот“.
„На жалителот му се суди за политички престапи“, изјави тој.
„Обвинението е политички мотивирано. Асанж разоткри сериозно злосторство. Тој се гони поради вообичаена новинарска практика на добивање и објавување доверливи податоци, информации кои се вистинити и очигледно од важен јавен интерес“.
Ед Фицџералд исто така изјавил дека сакал во жалбата да наведе дека Асанж бил цел на заговор на ЦИА за негово убиство додека се криел во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Овие наводи вклучуваат „конкретни докази“, додаде тој, но не беа соодветно испитани од британските судии.
Тој посочи дека тие мора да станат дел од случајот на Асанж.
„Постои реален ризик од понатамошни вонсудски постапки против него од страна на ЦИА или други агенции“, тврди тој.
Асанж е обвинет за шпионажа од американското обвинителство, а доколку биде екстрадиран во Америка, се соочува со казна затвор од 175 години. Обвиненијата против него беа покренати во 2011 година, а денеска се навршуваат 1700-ти ден откако е во затвор, а пред тоа помина седум години во амбасадата на Еквадор. САД го обвинуваат за откривање доверливи информации, кои Асанж ги објави преку Викиликс во 2010 година.