Колумбиската морнарица запленила подморница натоварена со 795 килограми кокаин вчера во Тихиот Океан, што е прво пресретнување на „подморница за дрога“ оваа година, соопштија официјални лица. Подморницата е долга 15 метри и била на пат кон Централна Америка кога Колумбијците ја пресретнале, пишува CBS.
Морнарицата објави видео од операцијата за заплена, на која се гледа како офицер ги сече пакетите и ја испитува нивната содржина. Судејќи според снимката, многу од пратките биле означени како скорпија, додека други биле со ознаки „Вини“ и „Карнал“.
Во подморницата имало кокаин вреден околу 27 милиони долари
Трите лица кои управувале со подморницата се уапсени, а осомничените и дрогата биле пренесени во пристанишниот град Буенавентура, Колумбија. Властите не објавија информации за осомничените.
Во подморницата имало десетици пакувања скриени во различни прегради на пловилото, а тестовите на крајот покажале дека на бродот има околу 795 килограми кокаин, чија проценета вредност е околу 27 милиони долари, пренесува index.hr.
„Подморниците за дрога“ се популарни меѓу шверцерите на дрога бидејќи потенцијално можат да избегнат откривање од страна на крајбрежната стража или други власти. Овие пловила никогаш не одат целосно под вода и често се фатени во колумбиските води на пат кон САД или Европа.
Минатата година Колумбијците пресретнаа 20 „подморници за дрога“
Колумбиската морнарица соопшти дека пресретнала вкупно 20 полуподморници во 2023 година, што доведе до запленување на 30 тони кокаин и повеќе од пет тони марихуана.
Во мај 2023 година, најголемата „подморница за дрога“ забележана во Колумбија беше пресретната со три тони кокаин. Околу два месеци пред тоа, официјални лица заплениле подморница со две мртви тела и огромен товар со дрога во близина на брегот на Колумбија.
Колумбиската морнарица соопшти дека „ќе продолжи да ги распоредува сите свои логистички и оперативни способности за да се спротивстави на шверцерите на дрога кои вршат злосторства во колумбискиот Пацифик“, пренесува CBS.