Новоименуваниот полски премиер Доналд Туск во вторник изјави дека неговата земја ќе побара целосна мобилизација на Западот за да и помогне на Украина и дека Полска ќе ја врати својата лидерска позиција во Европа и ќе биде силен дел од НАТО.
Полскиот парламент во понеделникот го одобри Туск за премиер, ставајќи крај на осумгодишното националистичко владеење и отворајќи го патот за подобрување на односите со Европската унија.
Десетици милијарди евра европски фондови се замрзнати за Полска поради спорот со Брисел за демократските стандарди, но Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, ветува дека ќе ги поправи односите и ќе ги деблокира парите.
За Туск гласаа 248 пратеници, а 201 беа против тој да биде нов премиер.„Гласно и одлучно ќе бараме целосна мобилизација на слободниот свет, западниот свет, за да и помогнеме на Украина во оваа војна“, рече Туск во парламентот, претставувајќи ги плановите на неговата влада.
Тој додаде дека источната граница на Полска ќе биде безбедна и вети дека ќе ги реши проблемите поврзани со протестот на возачите на камиони на неколку гранични премини со Украина.
Тој, исто така, рече дека Полска ќе биде лојален сојузник на САД и повторно ќе заземе лидерска позиција во ЕУ, нагласувајќи дека сепак ќе се спротивстави на промените на европските договори што ќе ја стават Полска во неповолна позиција.
„Секакви обиди за промена на договорот спротивно на нашите интереси не доаѓа предвид (…) никој во Европската унија не може да ме изигра“, цврсто рече тој.
Осврнувајќи се на замрзнатите средства во ЕУ поради спорот меѓу поранешната влада и Брисел за владеењето на правото, Туск рече дека оваа недела ќе „врати милијарди долари“ од Брисел.
Тој рече дека по враќањето од Брисел оди во Талин на средба на премиерите на Литванија, Летонија и Естонија, а темите ќе бидат војна и безбедни граници.
„Ќе ја зајакнеме соработката со земјите кои ги делат нашите ставови за овие прашања“, рече Туск.