Јован Митрески ќе биде претседател на Собранието од 28 јануари, одлучи Извршниот одбор на СДСМ на денешната седница.
Митрески ќе го замени Талат Џафери, кој 100 дена пред парламентарните избори ќе стане премиер во техничката влада.
Како што кажа партискиот портпарол Дарко Каевски, Митрески е партиски избор за нов претседател на Собранието бидејќи е пратеник со долгогодишно искуство, чесен, вреден и посветен на граѓаните и државата.
– Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на претседателот Ковачевски и кандидат за нов претседател на Собранието го избра со акламација Јован Митрески, досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ. Митрески е долгогодишен пратеник, со големо искуство, отворен, чесен и посветен на интересот на граѓаните и на државата докажан во целиот негов досегашен ангажман во Собранието. Сигурни сме Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните – изјави портпаролот на партијата Дарко Каевски.
Претседателот на СДСМ Ковачевски, како што рече Каевски, добил овластувања за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка влада, која е законска обврска.
– СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска влада – рече Каевски.
На седницата на Извршниот одбор е донесена одлука за почнување постапка за избор на кандидат на СДСМ за претстојните претседателски избори. Исто така одлучено е шеф на изборниот штаб на СДСМ да биде генералниот секретар Миле Зечевиќ.
Парламентарните избори, заедно со вториот круг избори за претседател на државата, ќе се одржат на 8 мај, среда. Првиот круг претседателски избори е на 24 април, среда.
Техничката влада треба да биде формирана на 28 јануари.