Хамас верува дека израелските предлози за продолжување на примирјето, кое завршува денеска, во оваа фаза „не се оптимални“, изјави вечерва за АФП извор од палестинското исламистичко движење.
Тој истакнува дека на сите разговори за размена треба да им претходи „престанок на израелската агресија и укинување на блокадата што ја задушува Газа“.
Преговорите за продолжување на примирјето во Газа меѓу Израел и Хамас продолжија преку посредници во средата, последниот ден од претходно договореното и еднаш продолжено примирје.
Во меѓувреме продолжи ослободувањето на заложниците.
На шестиот ден од прекинот на огнот, извор близок до Хамас изјави дека израелските заложници се предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Тој не кажа за колкумина станува збор, но израелската армија потоа објави дека десет Израелци и четворица тајландски заложници биле на пат кон Израел.
За нив, 30 палестински затвореници треба да бидат ослободени од израелските затвори, според договорот што го преговараа Катар, САД и Египет.
Хамас малку порано објави дека се ослободени и двајца руски заложници, во знак на благодарност за поддршката од Владимир Путин, надвор од договорот за прекин на огнот. Тие пристигнаа во Израел преку Египет.
Израел вели дека милитантите на Хамас убиле 1.200 луѓе и зеле околу 240 заложници во ненадејниот напад на 7 октомври. Израел ја насочи својата одмазда против Хамас во Газа, бомбардирајќи го од воздух, наметнувајќи опсада и отпочнувајќи копнена офанзива.