Израелските сили убиле двајца и раниле уште 11 Палестинци, јавува новинската агенција Асошиетед прес. Палестинците тргнале кон главната борбена зона во северниот дел на Газа, и покрај предупредувањата од израелската војска да останат на место за време на привремениот прекин на огнот, објави новинската агенција.
Новинарот на АП забележал две тела и видел ранети како пристигнуваат во болница во градот Деир ал Балах во јужна Газа. Ранетите биле застрелани во нозете.
Престрелката дојде неколку часа откако израелската војска ги предупреди раселените Палестинци кои побараа засолниште на југ да не се враќаат во своите домови во северниот дел од територијата за време на четиридневниот прекин на огнот.
Откако утринава започна привремениот прекин на огнот, забележани се стотици Палестинци кои се обидуваат да се пробијат во северниот дел на Газа.
Утрово, откако стапи на сила четиридневното примирје, се огласија сирените за тревога во израелското летувалиште Еилат на Црвеното Море. Ројтерс ја пренесе изјавата на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во која се предупредува за можен воздушен напад со долг дострел од Јемен. Јеменските Хути претходно беа познати по тоа што лансираа беспилотни летала и проектили кон Израел како знак на солидарност со палестинските милитанти.
Подоцна, израелските одбранбени сили објавија дека сирените што се вклучија во Еилат поради наводна инфилтрација на дрон биле лажна тревога.
„Ова беше лажна тревога и нема загриженост за безбедносен инцидент“ – соопштија од ИДФ.