Здружението „Онлајнмедиа“ бара дискриминирачките одредби да се отстранат од Изборниот законик

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите „Онлајнмедиа“ ја информира јавноста дека и покрај јавно декларираната заложба на сите релевантни политички субјекти, на новинарските здруженија и на новинарската заедница за регулација на онлајн-медиумите, неизвесно е дали интернет порталите ќе најдат свое место во измените на Законот за медиуми коишто се најавуваат.

Група од триесетина влијателни интернет медиуми, сега членови на здружението „Онлајнмедиа“, повеќе од една година упорно водат разговори со сите релевантни фактори, во обид да го афирмираат барањето интернет порталите во Законот за медиумите да добијат статус на медиуми и да се пропише обврска за нивна регистрација според критериуми и во постапка утврдена со Законот.

„Во овој момент, за жал, не можеме да детектираме кој и со какви мотиви пружа неразумен отпор кон оваа иницијатива, наспроти општото јавно мислење дека е неопоходно законски да се регулира статусот на овој сегмент од медиумската индустрија, кој, како што потврдија и последните истражувања, има доминантно влијание во информирањето на граѓаните“, велат од Здружението.

Здружението „Онлајнмедиа“ предупредува и на фактот дека се предлагаат законски решенија за селективна финансиска поддршка на т.н. традиционални медиуми, кои се дискриминирачки кон интернет медиумите и неодржливи од аспект на намената на тие средства.

„Ја известуваме јавноста дека начелен и принципиелен став на здружението Онлајнмедиа е секој облик на насочување народни пари кон медиумите да биде разумен, неселективен, недискриминирачки, одржлив и наменет првенствено за поддршка новинарите и на другите медиумски работници, а не на сопствениците на медиумите. Исто така, ја информираме јавноста дека во измените на Изборниот законик, што ги подготвила работна група и ги испратила до политичките партии, сѐ уште се задржани одредби коишто се смислени со цел да ги дискриминираат интернет порталите, на тој начин што ги ограничуваат субјектите во изборната кампања финансиските средства добиени од државата слободно да ги насочуваат кон медиумите по сопствен избор. Така, во членот 76-д од овој закон, во точката 8 и натаму стои: ‘Вкупната сума која еден учесник може да ја потроши за медиумско претставување на сите електронски медиуми (интернет портали) и печатени медиуми, не може да опфаќа повеќе од 25% од распределените финансиските средства за платено политичко рекламирање’. Во разговорите со претставници на Владата и на повеќе политички партии, претставници на здружението Онлајнмедиа укажаа дека во ова законско решение евидентно се препознава намерата на законодавецот да фаворизира одредени медиуми на сметка на други, за што нема никаква основа во реалноста, а ниту пандан во респективните изборни законодавства во светот. Бараме оваа крајно волунтаристичка одредба од Изборниот законик целосно да се укине. Учесниците во кампањата треба слободно да одлучуваат во кои медиуми ќе се рекламираат“, наведено е во соопштението.

Од Здружението додаваат:

„Се противиме и на низа други постоечки решенија, но и на некои нови предлози за измени на Изборниот законик, чија цел е и понатаму да опстане добро познатата коруптивна практика на одлевање и перење народни пари преку нивно насочување кон предизборно клонирани и размножени интернет медиуми. Нагласуваме дека претставници на Онлајнмедиа на претседателот на Државната изборна комисија и на претставници на поголемите политички партии им укажаа на неодржливоста на овие законски решенија коишто ја поттикнуваат сивата економија во медиумите, а исто така им предложија и конкретни решенија за подобрување на Изборниот законик“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на Здружението „Онлајнмедиа“, Владимир Кошевалиски.

Share This Article