На Македонија ѝ се потребни големи реформи. На Македонија ѝ се потребни големи работи. На Македонија овој пат ѝ е потребна трансформација. Но, за да се случи таа трансформација и сето ова кое што ѝ е потребно на нашата Македонија многу е важно таа победа да биде изразена во голем број на пратеници, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред присутните граѓани во општина Илинден во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените”.
Мицкоски рече дека е потребно обединување околу единствениот столб, којшто воедно е и браник на македонските национални интереси, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
– Откако ВМРО-ДПМНЕ помина еден период на внатрешна реорганизација, се случи онаа историска победа на локалните избори во 2021 година. Денеска сме пред еден таков историски триумф на претседателските и парламентарните избори кои што ќе се случат за неколку месеци од денес. Но, за да биде тоа убедливо, да се случи оваа трансформација потребна е огромна мобилизација, обединување околу единствениот столб, кој што воедно е и браник на македонските национални интереси а тоа е ВМРО-ДПМНЕ – потенцираше тој.
Мицкоски испрати порака до граѓаните дека секој глас даден за друга политичка партија всушност значи глас даден за Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски и за Бојан Маричиќ.
– Мојата порака од овде од Илинден е, секој глас којшто на следните избори, а е анти владин глас, ќе заврши во условна кажано опозицијата на опозицијата е глас којшто директно завршува на контото на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ. Секој глас кој на следните избори ќе биде даден за оние кои што се денеска платена опозиција на опозицијата и за време на кампањата ќе зборуваат тоа што вие сакате да слушнете, тоа што е невозможно, а они како некоја месија ќе го проповедаат и ќе велат дека е возможно, секој еден глас кој што таму ќе заврши директно оди во полза на овие петмина – истакна тој.
Мицкоски побара поддршка со цел да се продолжи историската победа од локалните избори во 2021 година, на претседателските и на парламентарните избори.
– Затоа е потребно да се мобилизираме и да застанеме околу програмата на ВМРО-ДПМНЕ и да застанеме заедно во поддршка на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и да завршиме таа историја која ја започнеме со двојната победа на локалните избори, да победи претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во идниот парламентарен состав да имаат 61 пратеник. За тоа сте потребни вие и вашата поддршка – им порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вети дека ден по формирање на владата веднаш ќе се зафатат со работа посветено и чесно да го остварат она кое што го презеле како обврска и го ветиле пред граѓаните.
– А оние од следниот ден кога ќе ја формираме владата ви ветувам дека ќе работиме макотрпно, посветено, ќе работиме, чесно и одговорно, сето она кое што сме го презеле како обврска да го сработиме – рече Мицкоски.