Новиот претседател на Франција ќе биде познат по вториот круг од претседателските избори, кој ќе се одржи на 24 април.
Според првите излезни анкети од денешното гласање, кои беа објавени веднаш по затворањето на гласачките места во 20 часот вечерва, актуелниот шеф на државата, Емануел Макрон освоил 28,1 отсто од гласовите, додека за кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен се определиле 23,3 проценти од француските граѓани.
На трето место, со околу 20 отсто од гласовите е левичарот, Жан Лук Меленшон.
На првиот круг од претседателските избори во Франција денеска можеа да гласаат околу 48,7 милиони регистрирани избирачи.
Во првиот круг учествуваа вкупно 12 кандидати.
Француската изборна кампања мина во сенка на војната во Украина.
Во Франција, претседателот се избира со директно гласање, во два круга, доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство во првиот круг.
Шефот на државата се избира за мандат од пет години и може да биде реизбран само еднаш.
На претходните избори Макрон ја победи Ле Пен во вториот круг и со тоа стана најмладиот француски претседател. Неговото доаѓање на власт ги потресе традиционалните партии во земјата, левичарски и десничарски, кои се менуваа на власт со децении.