Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека одговорноста на Србија за „агресивниот напад на криминалните и терористичките групи од Србија, не само врз косовската полиција, туку и врз самата држава Косово, е неспорна, дури и за оние кои тоа не сакаат да го видат и слушнат“, како и дека „Милан Радоичиќ е Аркан на Александар Вучиќ“.
– Непобитно е утврдено дека оружјето и борбената обука на српските професионалци кои го нападнаа звечанското село Бањска доаѓа од Србија. Целото запленето оружје било произведено во Србија, пристигнало од Србија, а по вид и количина е доволно за цела една војска – изјави Курти за подгоричка Побједа, пренесе Нова.рс.
Како што додаде косовскиот премиер, вредноста на запленетото оружје е повеќе од 5 милиони евра.
На прашањето дали очекува Милан Радоичиќ навистина да биде екстрадиран во Косово, тој рече дека „сите терористи кои успеале да побегнат мора да бидат предадени на властите на Република Косово.
– Организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ мора да бидат прогласени за терористички организации и од страна на нашите пријателски, партнерски и сојузнички земји – рече Курти.
Тој додаде дека врската меѓу Вучиќ и Радоичиќ не е оригинална.
– Сме го виделе тоа многу пати досега – рече тој.
Курти изјави дека „денес во Белград го имате малиот Путин за претседател“ кој „мора да има свој мал Пригожин на Копаоник“, или ако се вратиме малку подалеку во минатото, како што рече тој, се наметнува паралелата: „новиот Слободан во Белград го има својот нов Аркан на Косово“.
Тој додаде дека државите кои имаат комплекс на супериорност, кога ќе се намалат или ослабат, стануваат опасни.
– Србија во таа смисла е како Русија – изјави косовскиот премиер.