На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, денеска ќе се одржи голем аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Од Аероклубот Скопје денес на прес-конференција кажаа дека ги направиле сите напори за аеромитингот да помине во најдобар можен ред и дека се вклучени сите институции за осигурување на безедноста на настанот.
– На овој аеромитинг имаме четири работи кои се забранети. Строго се забранети дроновите, сите што мислат да носат знајте дека има повеќе противдронски пушки и тие ќе бидат срушени веднаш штом ќе полетаат. Второ, немојте да користите ласери и огледалца за да им светите на пилотите. Најстрога е забраната за носење оружје. На овој настан ќе има многу полициско обезбедување, а оружјете е најстрого забрането – рекоа од Аероклубот.
Тие исто така им порачаа на посетителите да не ги носат домашните миленици на настанот поради бучавата која ќе биде генерирана од сите воздухоплови на аеродромот Стенковец.– Ако некој ги носи, ќе мора да ги води со повод, бидејќи едно вознемирување може да направи голем проблем. Кој има услови да го остави дома миленичето ќе биде најдобро. Нема да ги забраниме, ниту одземаме милениците, но добро е да ги оставите дома – рекоа од Аероклубот.
Како што информираат од аероклубот во Стенковец, за настанот на кој ќе присуствуваат владини претставници и гости од земјата и регионот, подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
Вратите за посетители се отворени од 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.
Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, најавуваат организаторите.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.