Во земјава денеска ќе преовладува променливо облачно и ветровито време, со локален дожд, претежно во западните и јужните делови, каде е можна и појава на грмежи. Ќе дува засилен североисточен ветер (на места со брзина над 70 км/час). Индексот на ултравиолетово зрачење ќе изнесува 5 мерни единици.
Утринските температури ќе се движат во интервалот од 10 до 16, а максимални дневни од 17 до 27 Целзиусови степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и ветровито, со умерен до засилен североисточен ветер.
Во среда и во четврток ќе преовладува умерено облачно време, со зголемена облачност, претежно во планинските региони, со услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец кој во југозападните делови краткотрајно ќе се засилува. УВ- Индексот ќе изнесува 5.
Температурите ќе се движат од 11 до 18 степени наутро, а преку денот од 23 до 30. Малку потопло, сончево и стабилно време, со мала облачност, но без врнежи, се очекува за в петок. Тогаш дневната температура ќе достигне 32 Целзиусови степени.
Според метеоролозите-аматери, кои ги следат на прогнозите на светски метеоролошки сајтови, како Акуведар, Форека и други, во средината на оваа седмица, во среда или четврток, во централните делови на нашиот јужен сосед, Грција, можно е силно невреме со обилни дождови, силен ветер, грмежи и појава на град. Се прогнозира да наврнат од 200 до 500 литри дожд на квадратен метар!
Прогнозата за вакво невреме се должи на наближувањето на циклонот кој поминува преку Егејското Море.
„Апелираме доколку нашите граѓани се наоѓаат во овој дел од нашиот јужен сосед веднаш да го напуштат истиот, и ги советуваме доколку планираат да патуваат овие денови кон Грција, тоа во никој случај да не го прават и тоа поради очекуваното силно невреме кое ќе услови големи поплави, кои би можеле да бидат и опасни по човечкиот живот“, пишува метеоролошкиот аналитичар Славчо Попоски.