Сопружници бизнисмени и донатори за кампањата на ДУИ. Не само Елмедин Адеми и неговата „Еуровиа“, туку и сопругата Арбе Адеми преку нејзината фирма „Виаком“ донирала 1.845.000 денари во 2022 година на контото на владејачката партија. И оваа фирма, според информациите до кои дојде А1он, до 2021 година била под капата на „Еуровиа Холдинг“, но при крајот на јуни 2021 година, оди во рацете на Арбе Адеми. Сопругата на Елмедин, Арбе Адеми преку „Виаком“ донирала идентична сума како и „Еуровиа“, но за разлика од сопругот, кој од личните средства донирал над 2,5 милиони денари, таа не го сторила тоа.
Овие крупни донации за локалните избори минатата година сепак, останале незабележани за потпретседателот, портпарол на ДУИ и министер за надоворешни работи, Бујар Османи, барем според неговите тврдења.
„Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор“, изјави Османи на прес конференција.
На социјалните мрежи пак, се појави стара фотографија на раководството на ДУИ, а помеѓу нив и Елмедин Адеми, застанат помеѓу вицепремиерот Артан Груби и министерот за економија Крешник Бектеши. Засега, само антикорупционерите прибираат информации, како за тендерот, така и за донациите на Адмеи за кампањата на локалните избори, за партијата на Али Ахмети. Обвинителите пак, ќе чекаат друг да им ја заврши работата. Ако антикорупциската комисија или Државниот завод за ревизија имаат докази дека се работи за кривични дела, тогаш ќе отворат предмет по допрен глас и ќе соработуваат со овие институции. До тогаш, само ќе го следат процесот.
Од Левица пак, споделувајќи ја фотографијата на Адеми со раководството на ДУИ велат дека за незаконската донација од „Еуровиа” на ДУИ му следи суспензија на државното финансирање.
Досега, „Еуровиа“ излезе со едно соопштение, во кое велат дека не донирале на контото на ДУИ. Сепак, во соопштението немаше детали, дали „Еуровиа Холдинг“, фирмата-мајка на „Еуровиа“ е онаа која Ахмети со свој потпис ја ставил на листата донатори на ДУИ, со сума од над 1,8 милиони денари.
Освен пренамената на Сопртскиот центар Борис Трајковски за конференцијата на ОБСЕ, тендер кој го распиша Министерството за надворешни работи, „Еуровиа“ во моментов работи на уште еден тендер, но од МВР. За два милиони евра ја гради новата полициска станица во скопски Аеродром, која пред еден месец свечено ја најавија министерот Оливер Спасовски, премиерот Димитар Ковачевски и низа претставници од СДСМ.